Централниот плоштад во Благоевград со зградата на театарот (лево)

Дневник по 40 години

Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија

Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминати шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, двете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров, чиишто дневнички записи тогаш ги објави списанието „Современост“. Го преобјавуваме овој дневник по цели 40 години, верувајќи дека ќе го привлече вниманието на читателите

Пишува: Ристо Лазаров

ГРАНИЦА
Петок, 15 октомври 1982 г.

Поаѓањето е закажано за седум часот наутро, пред новата зграда на Македонскиот народен театар во Скопје, белата убавица на кејот на Вардар, чиишто затворени стаклени порти веќе со години го потхрануваат нетрпението на јавноста: во оваа зграда, навистина, веќе се одржаа една голема конференција и еден конгрес, но на првата реплика од огромната нова сцена ќе треба уште да се причека. Сите велат, уште малку. Одамна велат така.

Уште пред шест и половина, со бел „голф“ прв доаѓа и веднаш заминува Петре Прличко: сега во улога на утрински возач и допраќач на сопругата. Мигови на разделба на луѓе во години: таа патува, тој останува во Скопје, каде што во Драмскиот театар го очекува претставата „Полнета птица“. Веднаш потоа доаѓа Мери Бошкова. Откај Старата чаршија, каде што мнозина го прекратуваат итањето пред работните обврски пред бурекчилниците, доаѓа и Таше Кочовски. Со бурек во рацете. И во устата.

Со половина час задоцнување, сосема според планот за нашите балкански простори и навики, тргнуваме со два луксузни автобуса на „Млаз“ од Богданци, кои, не знам зошто, ми прилегаат на две убави топли раноутрински векни леб. По пауза од шеснаесет години, ансамблот на Македонскиот народен театар го остварува своето трето гостување во Пиринска Македонија: првпат овој ансамбл имал турнеја низ Пиринска Македонија во 1946 година, на втората турнеја се чекало рамно дваесет години, а на третата – шеснаесет. Се знае и зошто. Неканет на гости не се оди.

Денот е сончев. На есента нѐ потсетуваат ожнеаните оризови полиња кај Кочани, страшилата расфрлани во нивите – до догодина, кога ќе притребаат пак. И празното седало на штркот на врвот на високата зграда во центарот на Кочани потсетува дека дошла есента. А сушата, празното езеро кај Калиманци нѐ враќа во катадневието: во сѐ поизразитите проблеми околу енергетската криза. Сето тоа, меѓутоа, секавично се заборава на границата. Ансамблот на Македонскиот народен театар е изразито млад, најголемиот дел од неговите членови првпат ја минува оваа граница, со ваква задача. Возбудата е лесно воочлива кај сите. И сите сакаат да ја совладаат со песни, со шегобијни досетки и дофрлувања толку вообичаени за театарските турнеи.

На граничниот премин Кирил Александров, директорот на драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград, заедно со неколку артистки, срдечно ги пречекува гостите од Скопје. Со бакнежи и каранфили. Истата слика, значајно омасовена, ќе се повтори по еден час и на плоштадот пред хотелот „Ален Мак“ во Благоевград. И таму каранфили, бакнежи… Додека чекаме на царинските формалности, се приближуваме кон скромниот паметник на граничниот премин. На спомен-плочата пишува дека на 16 септември 1966 година, кај делчевското село Sвегор, седуммина бугарски борци загинале за ослободувањето на Југославија. Нека им е вечна славата. Тие бездруго не би требало да имаат врска со современите „ослободители“ од страниците на историските книги, списанија и весници. На малата зграда во која работат бугарските цариници, на едно бело пано, доста долг список на стоки што не смеат да се изнесат при излегувањето од Бугарија. Малку потаму голем портрет на бугарскиот претседател Тодор Живков.

И неговата мисла: „НР Бугарија прави сѐ што е возможно за развој на своите односи со балканските земји, за зајакнување на мирот и добрососедството“. Уште потаму, уште една парола: „Дружба на века: СССР – НРБ“. Вакви и слични пароли, воопшто, на ова патување често ќе среќаваме. Речиси на секој чекор. Тоа е, така да се каже, најупадлив надворешен декор на местата низ кои поминавме. Нејсе, кинисавме за Благоевград. Зад граничниот премин, полето и планината испресечени со висока ограда од боцкава жица. На една угорнинка висока кула, набљудувачница. Некој, очигледно поупатен, вели дека со ваков челичен превез е обвиткан целиот појас по должината на границата. Конкретен придонес на земјата во која зачекоривме за унапредувањето на добрососедските односи: пароли и боцкави жици!
Двајца војници покрај жицата. Одмавнуваат со рацете кон нашите автобуси, во знак на поздрав, на добредојде. Татко и син во полето. И тие мавтаат со рацете, додека не ги изгубивме од видокругот.

Во хотелската соба – црвени каранфили. И туристички проспекти. За Благоевград и благоевградскиот округ, за „земјата со осум планини, земја со илјадалетна слава“, како што пишува уште во првата реченица. Туристичкиот пропагатор, за Благоевград, за благоевградскиот округ уште ќе додаде: „Две големи реки, Струма и Места, ја опашуваат со своите сребрени ленти ајдучката Пирин Планина, воспеана од народните певци и поети… Овој крај е прочуен со природните убавини, со рилските и пиринските предели“, за кои Иван Вазов ќе напише: „Убава е наша Пирин Планина! Какви високи врвови покриени цела година со снег, какви зелени долини, какви страшни борови гори, колку прекрасни убавини!“

По ручекот – брзоного запознавање со Благоевград, заедно со Томе Витанов и Петар Костовски. Среќаваме, овде-онде, плакатно најавување на гостувањето на Македонскиот народен театар од Скопје. Во излозите на книжарниците доминираат наслови од Тодор Живков. Еден плакат, во центарот на градот, говори за довчерашната активност на овдешниот театар: на 11,12 и 13 октомври, имено, е изведена премиерата на „Оптимистичка трагедија“ од Вишински, по повод 60-годишнината на СССР и Деновите на советската култура во Благоевград. Слични манифестации се одржани низ цела Бугарија. Во едно од градските кина се прикажува филмот „Збогум, Бразилија“ – забрането за младинци под осумнаесет години. Истиот филм по неколку недели се прикажуваше и во Скопје, но без ограничувања на посетителите во зависност од нивната возраст. Во центарот на градот импозантен споменик на Гоце Делчев. Паноа со портрети на Георги Димитров и негови мисли за дружбата со СССР. Во излозите на продавниците, колку што може набрзина да се види, нема баш многу разновидна стока.

Попладнето, во една од салите на хотелот „Ален Мак“, водството на турнејата на Македонскиот народен театар (Ахил Тунте, Живко Чинго, Бранко Ставрев, Георги Божиков и други) одржува конференција за печатот со домашните новинари. Тука се новинарите на „Пиринско дело“, како и дописниците на сите софиски медиуми. Се интересираат за репертоарот на МНТ, местото на овој колектив во современиот театар во Југославија, за уметничките и идејни тенденции во театарот, како и за монодрамата „Реферат“ на Љупка Џундева, работена според стиховите на Вапцаров.
Вечерта во драмскиот театар „Никола Вапцаров“ во Благоевград ја гледаме претставата „Оптимистичка трагедија“ од Вишински. Сосема класична постановка за бунтот на морнарите под сводовите на театарот што го носи името на Вапцаров, кој исто така учел за морнар!

Покрај неколкуте солидни актерски остварувања, претставата дејствува развлечено, здодевно. Кај нас би се рекло – старомодно. Од вообичаени куртоазни причини, по претставата сите говорат само за нејзините добри страни. Ја потсетувам Мери Бошкова дека своевремено и нејзината актерска генерација играла во вакви претстави. „Ние барем дававме паузи меѓу чиновите“, одговара Мери. Сѐ е јасно. На излегување од театарот, во фоајето, забележуваме уште една порака на Тодор Живков: „Творецот останува да живее во сознание на поколенијата само со она творештво коешто крвно е сврзано со животот и борбите на народот“. Патем, на билетарницата се распрашуваме за интересирањето за утрешната, прва претстава на МНТ. Билетите се распродадени.

Со вкусот на оптимизмот (од претставата) под мишка заминавме на другарска вечер со членовите на благоевградскиот театар, во ресторанот „Бор“, од каде што се пружа прекрасна глетка на Благоевград – ноќе. Весело е, како и при секое дружење на уметниците. Меѓу две игри, неврзани муабети со домаќините. И вотка. Феѓа Јаков, дописник на весникот „Труд“ од Благоевград, ја отвора темата за најновите тенденции во бугарската и светската литература. Посебно го интересира за она што се пишува кај нас, за нашите допири со светот. Како да му се одговори на прашањето: Имате ли модерни, современи писатели? За што, всушност, разговараме? И кој што подразбира под банализираниот поим „модерен писател“? Скокаме во муабетот и до разбрануваниот Балтик. Соговорникот вели дека во Полска, според најновите информации, сѐ е во најдобар ред, дека продолжува организирањето на животот по укинувањето на „Солидарност“. А последните демонстрации во Гдањск и во Варшава? Кои демонстрации, какви демонстрации? Класичен проблем на располагањето со информациите. Но за тоа, впрочем како и за многу нешта, може да се пишуваат посебни огледи – надолго и нашироко. Целта на овие белешки не е таква.

Во миговите кога расположението ја достигнуваше „точката на вриење“, еден функционер на Окружниот совет за култура, при запознавањето, начнува и „жешка тема“. Во целофан од лична егзалтираност ни ја подарува репликата дека „внуците еден ден ќе ни се смеат како делиме една земја“. Кои внуци, чии внуци? Која земја, чија земја? Функционерот на Окружниот совет за култура без одговор ја напушта нашата маса. Тоа не е причина да не се допие чашата вотка. Ироничното салто-мортале со живото тело на историјата за нас не е некоја посебна новина.

(Продолжува)