Високите претставници на бизнис-заедницата и на Владата на Македонија ги соочија своите спротивставени ставови за замрзнувањето на цените на основните прехранбени производи, а последно и на производите за хигиена. Ставот на стопанските субјекти беше искажан од извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, кој рече дека „замрзнувањето на цените не е пазарна мерка“.
– Економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електричната енергија, со механизми што го прават домашното производство поконкурентно. Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението, кое се најде во економски проблеми, но јас мислам, а и вие слушнавте, дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите им се продаваат и на оние групи на населението на кои таа разлика во цената не им значи ништо. Замрзнувањето на цените е мерка што не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања – изјави Пешев, пред македонско-австриските бизнис-средби во комората.
Премиерот Димитар Ковачевски, при вчерашната посета на компанијата „Везе Шари“ за производство на јајца од кокошки, повтори дека во „изминатиов период Владата е насочена кон стабилизирање на цените на основните прехранбени производи“.
– Свесни сме за сите предизвици наметнати од економската и енергетската криза и се залагам за солидарност и праведност, водејќи грижа во тешката криза никој да не биде изоставен сам да се справува со неа. Можеме да заклучиме дека имаме редовно снабдување на целата малопродажба со сите основни прехранбени производи и дека во најголем дел се почитуваат мерките за ограничување на цените на основните прехранбени производи. Ова се конкретни мерки во кои нема недоречености и мора да се почитуваат. На терен досега инспекторатот има направено 500 контроли од инспекторските служби и тие ќе продолжат и во текот на наредните денови – изјави Ковачевски.
Непочитување на замрзнатата цена на лебот од 33 денари, несоодветна грамажа, немање најмалку 80 отсто од производите на рафтовите се само дел од прекршоците што ги констатира Државниот пазарен инспекторат на терен при спроведувањето на контролите, по замрзнувањето на цените.
– Ќе ги кажам имињата на фирмите што ги прекршуваат владините одлуки кога ќе завршат постапките. Имињата нема да бидат објавени денеска поради комплексноста на случаите. Се издаваат платни налози и до завршување на предметот нема да ги кажам имињата, туку потоа – истакна Горан Трајковски, директорот на ДПИ.