Фото: МИА

Седумдесетина вработени на велешката фабрика за шински возила „Колска“ предводени од Синдикатот, кој е членка на ССМ, утрово од 7 до 9 часот го блокираа патниот железнички сообраќај на железничката станица во Велес.

Вработените предводени од Синдикатот на „Колска“, како што велат, се револтирани поради тоа што веќе пет-шест месеци Управата за јавни приходи им ја блокира сметката поради заостанат долг од околу 650 илјади евра за периодот од 2013 до 2017 година.
 
Во изјава за МИА директорот на „Колска“ Мите Јанков вели дека бараат од УЈП итно одблокирање на сметката за да можат да набават репроматеријали и да можат да платат струја и други комунални трошоци. 

– Во периодот од 2013 до 2017 година поранешното раководство на „Колска“ воопшто не плаќале ДДВ поради што направиле долг од околу 650 илјади евра. УЈП бара од „Колска“ тој долг законски да се плати во рок од три години по 20 илјади евра месечно. Ние тој долг не можеме да го платиме со овој број на 70 вработени што останаа на работа. Можеме да си го платиме само за тековниот месец, односно онаа работа што сега  ја работиме, само за неа можеме да платиме ДДВ – вели Јанков.

Според Јанков, заостанатиот долг ќе можат да го платат во зависност од тоа кога ќе имаат прилив на средства.

– Ни ја блокираа сметката и не можеме да работиме редовно, а ни бараат да враќаме редовно – изјави Јанков.

Бараат од Владата итно да им помогне и за утре планираат да дојдат на протест во Скопје.

Јанков, кој го подржува Синдикатот на „Колска“, утре најави дека ќе обезбеди автобуси за работниците до Скопје и назад.

Велат, ако се затвори „Колска“, тогаш ќе нема кој да ги репарира вагоните на Железници и ќе мора да се носат во  Србија, Грција или Бугарија.

Во моментот во работилницата на „Колска“  имаат 25 товарни вагони за репарација и еден патнички вагон, кои треба да бидат направени до Нова година. „Колска“ е единствена фабрика со ваква намена во земјава која порано беше во состав на Железници. Преостанатите 70 од некогашните 350 вработени со години бараат повторно да бидат во состав на Железници.