Фото: Игор Бансколиев

Наспроти оптимистичките очекувања од Владата и од потрошувачите за првиот бран на поевтинувања, кој се проектира на најмалку десет отсто за лебот и другите производи, во малопродажбата нема поевтинување на ниту еден производ, туку, напротив, продолжува трендот на раст на цените. Иако добија огромна помош од Владата и многу поевтина струја за да ги намалат цените, од прехранбениот сектор велат дека допрва ќе анализираат дали и колку би се намалиле цените на одредени продукти. Во меѓувреме граѓаните во неизвесност и исчекување едвај крпат крај со крај

ЦЕНИТЕ НЕ ПАЃААТ И ПОКРАЈ СУБВЕНЦИИТЕ ОД ВЛАДАТА ЗА ПРЕХРАНБЕНАТА ИНДУСТРИЈА

Македонските потрошувачи се во исчекување на намалување на цените на основните прехранбени производи, откако од Владата се најавија обезбедување субвенционирана цена на струјата за 200 домашни компании од прехранбената индустрија. Деновиве, по објавувањето на „добрата“ вест, граѓаните очекуваа дека ќе се случат првите надолни корекции на цените на лебот, млекото и млечните производи и месото. Меѓутоа во малопродажните трговски објекти нема намалување на главните производи. Наспроти оптимистичките очекувања од Владата и од потрошувачите за првиот бран на поевтинувања, кој се проектираше на десет отсто за лебот и другите производи, од производителите и од трговските компании пристигнуваат „повоздржани“ изјави за евентуалното поевтинување, кое, според сите прогнози, би требало да се случи по први декември годинава. Во наредниот период, како што нагласуваат од мелничко-пекарските здруженија и од компаниите за производство, откуп и преработка на млекото, новите цени на храната зависат од пресметките што дополнително ќе се направат по добивањето на поевтината струја.
Малопродажните цени на храната во Македонија во октомври го достигнаа максималното ниво. Економистите прогнозираат дека инфлацијата во земјата и на глобално ниво го губи здивот и прогнозираат дека цените на храната ќе се стабилизираат или ќе растат со помал интензитет. За тоа постојат неколку глобални фактори, како што се прогнозите за можна рецесија во Европа, со што се намалува и побарувачката за суровините и енергентите. Неделава се случи и ново поевтинување на нафтените деривати и доколку продолжи тој тренд, тогаш се создаваат и реални предуслови за намалување на цените на основните производи. Претходно на глобално ниво имаше стабилизирање и на цените на пченицата и на другите стратегиски земјоделски производи. Но прашање е колку тоа ќе се одрази и на цените на македонскиот пазар, кој се покажа како доста „нееластичен“ на надворешните економски текови кога станува збор за намалување на цените.
Од домашните производители и преработувачи на храна изјавуваат дека треба да се види дали моменталните движења на цените на суровините и енергентите ќе се задржат во подолг период и од тоа како влезниот трошок на струјата, со повластена цена од 80 евра за мегават-час, која треба да се добива од декември годинава.

– Во овој момент се прават договорите за добивање поевтина струја. Првите договори ќе бидат реализирани до крајот на месецот. Но намалување на цените на храната не може да се случи веднаш, затоа што продажната цена на еден производ зависи и од други елементи. Неделава нашите членови од групацијата на мелничко-пекарската индустрија и групацијата на млекопроизводители ќе одржат состаноци на кои ќе се направат анализите и ќе се излезе со заеднички став за намалувањето на цените. Секако дека секоја компанија тргнува со сопствените калкулации при формирањето на конечната пазарна цена на своите производи – ни изјавија од Стопанската комора на Македонија.
По објавувањето на владината одлука за субвенционирање на трошоците за струја, од Сојузот на стопански комори излегоа со реакција во која се „доставени“ уште две барања поврзани со одржувањето на регионалната конкурентност на домашните производи и зачувувањето на ликвидноста на фирмите што се финансиски исцрпени од скапата струја во изминатите месеци. Од Комората очекуваат во прво време да има стабилизирање и адаптација на цените и оставаат временски простор до 1 декември да се склучат договори со „ЕСМ продажба“, а потоа да почне снабдувањето со струја по таа цена од 80 евра за мегават-час
– Владината одлука со која се овозможи компаниите што произведуваат основни прехранбени продукти да добијат струја по цена од 80 евра за мегават-час е добар чекор напред, но потребен е сублимат од повеќе чекори за поосетно намалување на цените на лебот, брашното, маслото, млекото. Конкретно за цената на лебот, тоа ќе значи намалување за десетина проценти, но клучно е другите соодветни суровински инпути што влегуваат во цената на финалниот производ да останат исти. Како клучни се пченицата, брашното, маслото за јадење, квасецот – рече Горан Ѓорѓиевски, бизнисмен и потпретседател на Сојузот на стопански комори.
Петар Денковски, генерален директор на „Веро Македонија“ очекува цените на производите во малопродажбата да продолжат да растат, но со намалена динамика во наредниот период.

– Нашите очекувања не се премногу оптимистички. Веруваме дека цените ќе продолжат да се зголемуваат и понатаму, но не со ова темпо како што беше досега и ќе се стави под контрола, но нема да се елиминира растот на цените – изјави Денковски.
За намалување на цените на домашниот пазар е потребно и подобрување на конкурентноста на македонските компании во земјите од регионот, во кои имаат и подобри компаративни предности во однос на поевтината струја и суровини. Зголемената цена на струјата во периодот од јули до септември ги оптовари компаниите, со што тие многу тешко ги сервисираа обврските кон доставувачите и снемуваа пари за исплата на плати и за одржување на ликвидноста. Тоа може дополнително да се одрази и на висината на цените на домашниот пазар, како што предупредуваат од преработувачките компании во Македонија. М.Ј.