Од денот на донесување на владините одлуки за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало и за ревидирање на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, до сега се извршени над 650 инспекциски надзори и контроли. Притоа се евидентирани прекршувања на одлуките кај 22 економски субјекта за што се издадени прекршочни платени налози во висина од над 1.300.000 денари, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според ДПИ, во тек се постапки од кои ќе се утврдува висината на казните на оние трговци кај кои е констатирано прекршување, а инспекторите и натаму се на терен.
– Од надзорите е заклучено дека производите опфатени со овие одлуки се продаваат по цени во согласност со последната изменета Одлука и повеќето од нив се достапни во продавниците и маркетите ширум земјава – наведува ДПИ.
Државниот пазарен инспекторат потсетува дека според последната владина Одлука цените се: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони.