Фото: Маја Јаневска-Илиева

Системот треба трајно да го реши проблемот со наводнување на површината од 2.032 хектари, со што земјоделците ќе можат да се насочат кон подоходовни култури

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави меѓународен јавен повик за избор на изведувач за систем за наводнување на јужната долина на реката Вардар, на територијата на општината Валандово.
Системот, како што истакна на вчерашната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, треба да покрие површина од 2.032 хектари и да овозможи трајно решавање на проблемот со обезбедување вода за наводнување.
На овој начин, напомена министерот, ќе им се овозможи на земјоделците да ги променат културите што ги одгледуваат во регионот и да се насочат кон подоходовни култури, што бараат наводнување 365 дена во годината.
– Основна цел е да ги подобри условите за живот на населението во јужната долина на реката Вардар. Преку одржливо управување со водните ресурси ќе придонесеме кон зголемување на просечниот интензитет на засаденост и зголемување на приносите на главните култури – рече Николовски.

Горан Ангелов од Програмата за наводнување на јужната долина на Вардар појасни дека во овој регион традиционално се саделе градинарски култури и овошје, но поради недостиг од вода дошло до нивна промена.
– Земјоделците не беа во можност да ги одгледуваат традиционалните култури. Пристапот до вода за наводнување 365 дена во годината ќе им овозможи да му се вратат на традиционалното производство, но и на освојување нови култури што бараат континуирано наводнување – кажа Ангелов.

Тој истакна дека постојниот систем за наводнување е во лоша состојба, не испорачува вода во повисоките зони, а во пониските функционира само два месеци во годината.
Со новиот систем, напомена Ангелов, ќе се обезбедува вода и во повисоките зони, континуирано наводнување 24 часа дневно 365 дена во годината, а корисници ќе бидат 1.300 домаќинства и 4.500 граѓани што живеат во селата Удово, Јосифово и Пирава.
Градежните работи треба да почнат кон средината на септември годинава и да се завршат за 21 месец. Проектот се финансира со 70 проценти средства од германската развојна банка КФВ и 30 отсто средства од буџетот на Министерството, или 10 милиони евра, како и грант од банката во висина од четири милиони евра. Е.Р.