Македонија доби грант од ЕУ вреден 540.740 евра, кои се наменети за борбата со африканската свинска чума. Договорот за овој грант го потпиша Агенцијата за храна и ветеринарство, а средствата треба да се реализираат до крајот на годинава, во согласност со активностите со кои аплицирала, по што средствата ќе ѝ бидат рефундирани.
Според директорот на Агенцијата, Зоран Атанасов, африканската свинска чума сѐ уште демне и е присутна во Србија, Бугарија и Грција, но не и во Македонија.
– Лани кога во Бугарија африканската чума почна да се појавува на фармите, по што беше регистрирана и во Србија и во Грција, доставивме писмо до Европската комисија со кое побаравме финансиска поддршка за применување превентивни мерки и рано детектирање на болеста. Во септември добивме позитивен одговор, но се роди идеја поддршката да биде за целиот регион (Северна Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ). По наша иницијатива, земјите од регионот што не се членки на ЕУ добија европска финансиска поддршка – истакнува Атанасов.

Со одобрениот грант ќе се покријат трошоци за летоци и брошури, за билборди по патиштата, одржување работни средби на засегнати страни, ветеринарни и ловечки друштва, институции, фармери. Ќе се емитуваат и промотивни спотови на интернет-портали за кои во тек е склучување договори.
Во ловната сезона 2019-2020 година, како дел од превентивните мерки против африканската чума, беа отстрелани околу 1.600 единки.
– Ако сме имале околу 8.000 диви свињи на целата територија на државата, заловени се 20 проценти од вкупниот број. Целта на отстрелот беше да се изврши нивна депопулација, за да се намали ширењето на африканската чума. Резултатите од сите отстрелани диви свињи се негативни, заловувањето престана на 31 јануари. Се прави пребројувањето, врз чија основа ќе видиме каква е состојбата на терен – објаснува Атанасов.

Директорот истакна дека голема одговорност во однос на болеста имаат и одгледувачите и додаде дека е задоволен од спроведените биосигурносни мерки на фармите. Според него, досега се воведени биосигурносни мерки на околу 450 одгледувалишта од вкупно 2.300 регистрирани во државата.
Во септемврискиот допис до Европската комисија за поддршка на активностите против африканската свинска чума, АХВ доставила барање на Македонија да ѝ биде отстапен и дел од банката на вакцини против класичната свинска чума.

Земјава води политика на невакцинирање против класичната свинска чума за да овозможи извоз на живи свињи и свежо свинско месо на европскиот, но и на светскиот пазар. Сепак, како што истакнува Атанасов, добро е од превентивен аспект да бидеме сигурни дека ќе можеме да набавиме вакцини ако се појави класичната чума кај свињите по прекинот на вакцинацијата. Кај нас е забрането да се чува вакцина против класичната свинска чума, која се набавува кога е потребно.