Фото: Пиксабеј

Русија сè уште нема дадено согласност европските претставници да се вклучат во мировните преговори за завршување на војната во Украина, кои се водат со посредство на САД, објавија француските медиуми.

Изјавата од Москва доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Европската Унија ќе учествува во следната рунда преговори, по средбата со американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во Даблин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека Москва најпрво сака да ги дознае вистинските намери на европските земји и нивната подготвеност да придонесат во мировниот процес.

– Откако ќе разбереме какви се нивните вистински намери и дали се подготвени да придонесат во мировниот процес, ќе можеме да донесеме одлука за организирање разговори во проширен формат – изјави Песков.

Од друга страна, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, порача дека Русија нема право да одлучува кој ќе ја претставува Европа во разговорите за завршување на војната.

– Тие не одлучуваат – изјави Калас пред новинарите во Даблин, додавајќи дека Москва не сака силна европска страна на преговарачката маса, бидејќи тоа би ги ограничило нејзините можности да ги наметне максималистичките барања.

Изјавите од Москва и Брисел укажуваат на несогласувања околу форматот и составот на идните мировни разговори, во време кога дипломатските напори за ставање крај на војната во Украина продолжуваат.