Танцовото студио и порталот за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп, вечерва со почеток во 19 часот, во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“, премиерно ќе ја изведе новата претстава за деца и млади „Снежното кралство“.
Станува збор за сценска приказна исполнета со магија, емоции, музика и танц, која преку познатите ликови на Ана и Елза испраќа силни пораки за љубовта, храброста, сочувството и емпатијата.
Во центарот на приказната се сестринската љубов и пожртвуваноста, но и важноста да се има разбирање за другите. Преку авантурите на Ана, која тргнува во потрага по својата сестра Елза и се обидува да им помогне на жителите на Арендел, најмладата публика ќе ја проследи пораката дека вистинската љубов подразбира грижа за другите, а секоја наша постапка има влијание врз луѓето околу нас.
– „Снежното кралство“ носи низа случувања, силни емоции и препознатливи, певливи песни на македонски јазик, проследени со разиграни кореографии, креативни сценски решенија, колоритни костими и впечатлива сценографија. Сите овие елементи се обединети во една магична сценска целина наменета за децата и младите – велат од студиото „Зодијак“.
Преводот на текстот, драматизацијата и адаптацијата на македонски јазик се на Благојче Николоски. Режијата, песните и сценските движења ги потпишува Кире Миладиноски. Музиката е на Кристоф Бек и Томе Темелкоски, костимографијата на Анѓа Миладиноска, а сценографијата и куклите на Јордан Миладиноски. За дизајнот на рекламниот материјал и видеото е задолжен Петар Јошески, додека светлото е во рацете на Бобан Смилкоски.
Гласовите ги позајмија Наташа Седлоска, Бисера Гаралоска, Марија Илијеска, Вања Младеноски, Андреј Димитриовски, Калина Гаралоска, Марта Шаркоска, Томе Темелкоски, Благојче Николоски, Фросина Богеска, Ангела Чупетреска, Сара Камческа и Кире Миладиноски.
Во претставата настапуваат Бисера Гаралоска, Петар Јошески, Марта Шаркоска, Калина Стојаноска, Софија Иваноска, Сара Камческа, Кристина Миноска, Љубица Ангелеска, Лана Спиркоска, Милана Здравеска, Јована Ангелеска, Јана Чучуроска, Сара Иваноска, Исидора Митревска, Анисија Тренеска и Марија Стојаноски.
Реализацијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп, а копродуцент е Центарот за култура „Марко Цепенков“, кој веќе 27 години е матична сцена на танцовото студио „Зодијак“.
Со новата продукција, „Зодијак“ повторно ја потврдува својата посветеност на создавањето сценски содржини за најмладата публика, спојувајќи ги танцот, музиката и театарската уметност.

































