Новинарска опсервација
- Европската перспектива не треба да се гради врз идеализирана претстава за Брисел како институционален центар што секогаш знае што сака и дека може да го спроведе тоа што го најавува…
За Македонија најновиот извештај на Европската комисија (ЕК) има и една дополнителна димензија. Имено, Македонија како земја што со години ја врзува својата стратешка иднина за европската интеграција има интерес Европската Унија да биде стабилен, предвидлив и политички релевантен актер.
Но европската перспектива не треба да се гради врз идеализирана претстава за Брисел како „институционален центар што секогаш точно знае што сака“ и „може и си дозволува да го спроведе тоа што го најавува“, затоа што таму се случуваат повеќеслојни правни, политички, енергетски, економски, безбедносни, здравствени и други недоследности.
Да, Европската Унија има реални предности, како на пример економски капацитет, заеднички пазар, институционална архитектура, процедури итн., како и можност да влијае врз политиките на земјите што сакаат да ѝ се приклучат. Но таа има и ограничувања, има и тешки внатрешни противречности и политички блокади што се особено видливи кога од декларации треба да се премине кон конкретни одлуки. За македонската политика тоа е причина европската интеграција да се третира малку низ поинаква диоптрија, а не романтично, низ шарен калеидоскоп.
Европската Унија не е ниту безгрешен политички проект ниту има единственост во својата геополитичка волја. Таа е сложена заедница на држави што постигнуваат компромиси, дури и некогаш надвор од рамките на правната коректност, а дури сега сѐ повеќе се потпира на политички синхронизации, кои по дефиниција се флексибилни. Така, членките на ЕУ понекогаш напредуваат, понекогаш ги откриваат сопствените ограничувања, а за жал понекогаш и ги користат своите механизми и инструменти да спроведат политики што не се во рамките на правото врз други држави што не се членки на „европското повластено друштво“. Токму затоа нејзината релевантност не треба да се мери според бројот на декларации за европско единство, туку според способноста тоа единство одржи и тој европски ентитет, Унијата, да се претвори во прецизна форма и содржина што се темели на изворните принципи на ЕУ и апсолутно се совпаѓа со востановеното меѓународно право. Затоа што само така има правна сигурност за сите и, се разбира – предвидливост.
Се разбира дека може да се креира и поширока правна рамка, врз чија основа се прави нова политичка визија, која може да има далеку поширок хоризонт за развој (на Европа), што потоа повторно во процедура ќе се врамува во нови и прецизни правни рамки, кои повторно ќе станат препознатливи и предвидливи за сите. Тоа е циклусот на универзумот на сеопштиот просперитет и благосостојба.
Најголемиот парадокс на Брисел е што неговата институционална сложеност често се претставува како доказ за политичка зрелост, иако во кризите може да се претвори во пречка за брзо и јасно дејствување. Еве, на пример, кога треба да се усогласат буџетските приоритети, земјоделските интереси, енергетските политики или финансиските обврски, секоја земја членка настапува со сопствени црвени линии. Компромисите се постигнуваат тешко, а понекогаш и привремено.
Политичките одлуки се разводнуваат за да бидат прифатливи за сите, додека одговорноста за нивните последици често се префрла меѓу националните влади и европските институции. Иронијата е што токму таквата Унија сака да настапи како единствен геополитички актер, а навистина одамна нема миту потенцијал ниту капацитет за тоа, бидејќи таквата амбиција на ЕУ ги надминува нејзините актуелни и вообичаени механизми на работење.
Ако Брисел не може лесно да ги усогласи и сопствените приоритети во прашања за кои има правни надлежности и воспоставени процедури, тешко е да се очекува дека само со некакви „правно-политички апсурдни иницијативи“ како за Македонија, на пример, ќе наметне единствена внатрешна позиција. Не се согласуваат сите во ЕУ за наметнатиот идентитетски инженеринг за Македонија.
Но, да бидеме и начисто. Внатрешните несогласувања не значат дека Унијата е немоќна. Европската интеграција и претходно напредувала преку кризи и тешки компромиси. Но токму затоа треба да се прави разлика меѓу потенцијалот на Европа и реалната состојба на нејзината политичка координација. Брисел сака да биде третиот столб во глобални рамки. Засега, меѓутоа, нејзините ангажмани, ставови и дејствувања покажуваат дека ЕУ и овој Брисел се далеку и од третата или четвртата или којзнае која позиција на табелата на силите во светот… Токму затоа не треба да се има идеализирана претстава за ЕУ и токму затоа критичкиот приод на одлуките на Брисел или ЕК е добредојден и е во контекст на демократската дебата на субјекти што треба да се рамноправни во дискусиите, дебатите и вербалниот претрес на предизвиците од кои понатаму се трасира патот за заеднички раст и развој.
































