Северна Кореја негира вмешаност во кражбата од „Бајненс“

  • Влијателната сестра на севернокорејскиот лидер негира дека Пјонгјанг стои зад кражбата во која беа одземени 6,3 милијарди долари од криптоберзата

Северна Кореја негираше дека стои зад рекордното хакерско пробивање на криптоберзата „Бајненс“, при што беа украдени 6,3 милијарди долари. Според аналитичарите, овој потег има цел да им се спротивстави на западните описи на Северна Кореја како „одметничка држава“.
Федералното биро за истраги (ФБИ) неодамна соопшти дека режимот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун е одговорен за огромната кражба што се случи минатата недела. Во вторникот Ким Јо-јонг, влијателната сестра на Ким Јонг-ун, остро возврати, нарекувајќи го таквото тврдење „апсурдна реторика“.
Во својата изјава, Ким Јо-јонг наведе дека САД шират дезинформации, припишувајќи ѝ на Северна Кореја одговорност за кражбата во „Бајненс“, како и за минатогодишниот хакерски напад врз „Бибит“, при што беа украдени 1,5 милијарда долари. Таа призна дека хакирањето било „екстра-големо“, но тврдеше дека САД ширеле дезинформации. Обвинувањето на ФБИ е „злонамерен обид да се наруши меѓународниот углед“ на Северна Кореја, според Ким Јо-јонг.
– Тоа е сериозна политичка провокација. САД ја доведуваат во заблуда меѓународната јавност, сугерирајќи дека сите сајбер-злосторства во светот се наше дело – рече таа.
Брзиот демант од страна на личност со толку голема моќ, каква што е сестрата на Ким, претставува невообичаен потег.
– Севернокорејската власт ретко одговара на обвинувањата за вмешаност во сајбер-криминал. Кога сепак ќе одговорат, тоа обично го прават преку службеници на пониско ниво. Ким Јо-јонг не сака САД дополнително да ја зацврстуваат сликата за Северна Кореја како криминален актер – објаснува Хонг Мин, виш истражувач во Корејскиот институт за национално обединување, аналитички центар финансирана од Јужна Кореја.
Во последните години Северна Кореја се стреми да биде признаена како моќна нуклеарна сила, а не како „одметничка држава“.
Хакерскиот напад врз „Бајненс“, за кој се тврди дека е извршен од севернокорејската единица за сајбер-криминал „Трејдертрејтор“, е најголемата кражба од ваков вид во историјата. Според аналитичката компанија „Чејнаналисис“, Пјонгјанг е одговорен за 89 отсто од загубите предизвикани од хакерски напади врз криптовалути годинава, што претставува драстичен пораст во споредба со 15-те отсто во 2021 година. Власта на Ким Јонг-ун наводно ги користи приходите од таквите кражби за финансирање на своите програми за оружје, според аналитичарите и западните претставници. Наводното хакирање на криптокомпаниите од страна на Северна Кореја обезбедува околу половина од нејзините приходи од странска валута и финансира приближно половина од нејзината ракетна програма, според тврдењата на западни претставници.