Педро Санчез / Фото: ЕПА

Шпанија

  • Шпанскиот премиер Педро Санчез е принуден да го брани ефектот на владата во однос на безбедноста во пресрет на предвремените
    избори, по неодамнешната трагична железничка несреќа во земјата

Едно од клишеата во современата шпанска политика е дека никогаш не се исплати да се обложите против Педро Санчез. Во повеќе наврати, како лидер на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) и како премиер, Санчез покажа речиси натприродна способност да извлече корист од тешките ситуации, да ги изненади очекувањата и да ги фати противниците на „погрешна нога“. Но предвремените општи избори следниот месец, кои Санчез ги свика откако десничарските партии ги отфрлија реформите во станбената политика (што неговата коалициска влада ги најави како одговор на бурните протести во земјата), можеби нема да бидат слични на досегашните.
Смртоносниот судир на возови од 28 октомври, во кој загинаа најмалку 69 луѓе, барем привремено ги стивна острата реторика и политичкото надмудрување што станаа карактеристични за изминатите изборни циклуси. Оваа несреќа би можела да го забави замавот што Санчез неодамна повторно го доби, а прашањето за безбедноста на железницата сега се заканува да ги засени неговите обиди да го одбрани своето владеење и да остане во палатата „Монклоа“.
Изборите што левицата ги претставува како последна шанса да се спречи конзервативната Народна партија (ПП) да ги здружи силите со десничарската партија Вокс и да ги поништи децениските социјални придобивки, а кои десницата ги гледа како можност за ставање крај на осумгодишниот период што со презир го нарекува „санчизам“, ќе се одржат во земја длабоко потресена од шок и тага.
Шпанската широка мрежа на брзи железници не само што долго време беше извор на национална гордост туку претставува и транспортен систем од кој зависат милиони Шпанци за патување на работа, одмори или посети на роднините. Несреќата од минатата недела, која следуваше по уште една несреќа на истата линија во јануари, во која загинаа 46 луѓе, предизвика гнев, збунетост и загриженост кај граѓаните.
Насловите во медиумите зборуваа сами за себе. На насловната страница на весникот „Ел мундо“ стоеше „Уште еден масакр во возовите“, додека „Ел паис“ жалеше за „Втората катастрофа со брз воз за помалку од една година“.
Уште пред ужасните настани во близина на Урда, Санчез и неговите сојузници се соочуваа со тешка битка. Покрај протестите поврзани со домувањето, премиерот мораше да се справува и со низа обвинувања за корупција што го засегаат неговото семејство и најблискиот круг соработници. Истовремено, начинот на кој неговата влада постапи летоска при масовниот влез на луѓе во северноафриканската територија Сеута, која е под шпанска контрола, наиде на остри критики, како во земјата така и во странство.
Пабло Симон, политиколог од Универзитетот „Карлос III“ во Мадрид, ја нагласи деликатноста на моментот, истакнувајќи дека луѓето низ Шпанија сè уште се обидуваат да се соочат со она што се случи минатата недела.

– За владата овде се отворени многу фронтови, а сметам дека оваа несреќа има двојно влијание. Прво, таа го насочува вниманието кон состојбата на железничката инфраструктура, сугерирајќи дека проблемот е структурен, и укажува на пошироко влошување на јавните услуги во Шпанија, особено во однос на инфраструктурата – рече тој.
Симон изјави дека владата на Санчез, која е на власт од 2018 година, не може за моменталната состојба да ја обвинува претходната влада предводена од Народната партија, која спроведуваше мерки за штедење.
– Тоа едноставно не е веродостојно. Но постои и втор проблем. Уште пред несреќата, владата се соочуваше со исклучително тешка задача. Веќе беше малку веројатно дека ќе успеат да ја обезбедат потребната поддршка – посочи Симон.
Санчез изјави дека е „неприфатливо“ земјата да претрпи две катастрофи со сообраќајот на брзи возови за помалку од една година и вети зајакнување на безбедносните мерки „за никогаш повеќе да не се повтори вакво нешто“, но неговите противници велат дека тоа едноставно не е доволно.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, изјави дека секој политичар за кој ќе се утврди дека е одговорен за несреќата ќе мора да преземе одговорност, додавајќи: „Не можеме да продолжиме вака, ваквиот начин на управување едноставно не може да продолжи“. Според Народната партија, Шпанците не бараат чуда, туку единствено бараат „Шпанија во која работите повторно функционираат“.
Од друга страна, Вокс настапува бескомпромисно, обвинувајќи ја владата дека ги „убила“ жртвите во железничката несреќа, како и за системско лошо управување и непотизам. Партијата, исто така, побара од Врховниот суд да поведе истрага против шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте поради сомневање за убиство од небрежност и нанесување телесни повреди како последица на груба небрежност. Пуенте ги отфрли обвинувањата за лошо управување, инсистирајќи дека шпанскиот железнички систем е „безбеден и сигурен“.
Симон изјави дека спротивставените реакции на ПП и Вокс одразуваат поделби во десниот политички блок, додека двете партии се натпреваруваат во соборување на владата на Санчез.
– Се поставува прашањето: каков пристап треба да се заземе – дали поинаституционален, каков што моментално се обидува да примени Народната партија, или пак построг и поагресивен, каков што применува Вокс – кажа Симон.
Тој исто така посочи дека мрачното расположение во земјата би можело многу да му отежне на Санчез да мобилизира дури 1,2 милион „политички неактивни“ гласачи, кои сепак се наклонети кон ПСОЕ, на кои тој сметаше. Изборниот настан, кој премиерот се надеваше дека ќе го претстави како судир меѓу прогресивците и реакционерите – борба околу прашањата за домувањето и еднаквоста, прерасна во нешто сосема друго.
– Изборната кампања се потпира на добро расположение и чувство на оптимизам. Но, како може да постои тоа кога целата земја тагува поради оваа трагедија – рече Симон.