ТЕНИС
Синер ќе има нов тренер
Јаник Синер ќе има нов тренер, откако Австралиецот Дарен Кејхил ќе го напушти кампот на тенисерот на крајот од годината. Заедно со италијанскиот тренер Симоне Вањоци, Австралиецот Кејхил му помогна на Синер да освои пет гранслем-титули и 95 недели да го држи првото место на светската ранг-листа.
Швеѓанецот Магнус Норман, долгогодишен тренер на неодамна пензионираниот Стен Вавринка, ќе му се приклучи на тимот на Синер за следната сезона, пишува „Би-би-си“.
– Дарен беше неверојатно важен дел од моето патување. Заедно со Симоне и целиот тим постигнавме работи за кои сонував додека растев. Тој ми помогна да растам и како играч и како личност, а неговото водство ќе остане со мене во текот на целата моја кариера – рече Синер, пренесе „Би-би-си“.
Кејхил првично планираше да замине на крајот од 2025 година.
– Работата со Јаник беше посебна чест и привилегија – рече Кејхил. Н.М.
РАКОМЕТ
СП 2029 почнува во Берлин, а финалето е во Париз
Германија и Франција ги објавија шесте града што ќе бидат домаќини на 31. Светското првенство (СП) за ракометари, при што германската репрезентација го отвора турнирот во Берлин, а финалната рунда се игра во Париз, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Германија и Франција се заеднички домаќини на 31-то издание на натпреварувањето. Од германска страна, натпреварувањето ќе се игра во Берлин, Хамбург и во Келн. Франција ќе ги пречека репрезентациите во Стразбур, Лион и во Париз, а медалите ќе бидат доделени во француската престолнина. Сите градови се предмет на потврда од ИХФ по инспекциите што ќе се одржат наскоро, пишува ИХФ.
СП се враќа во две земји што добро го познаваат настанот. Германија беше домаќин на натпреварувањето седум пати, во 1938, 1958, 1961, 1974, 1982, 2007 и 2019 година. Изданието во 2027 година ќе биде осмо, а во 2029 година деветто, пишува ИХФ. Германија исто така четири пати беше домаќин на Светското првенство за ракометарки. На Европското првенство (ЕП) за мажи во 2024 година, отворањето на натпреварот во Диселдорф постави светски рекорд за посетеност за натпревар во ракомет. Франција беше домаќин на СП трипати, во 1970, 2001 и 2017 година. Франција исто така беше домаќин на СП во женска конкуренција во 2007 година и на ЕП за ракометарки во 2018 година, пишува ИХФ. Н.М.
































