Полскиот нуркач Бартломиеј Питала е прогласен за почесен граѓанин на Скопје, како признание за неговиот историски подвиг во подводната пештера Врело на Матка, каде што достигна длабочина од 338 метри и постави светски рекорд во истражувањето на подводни пештери.
Одлуката за доделување на признанието беше донесена денеска на седница на Советот на Град Скопје, како знак на благодарност за неговиот придонес во меѓународната промоција на главниот град и природните богатства на Македонија.
Рекордното нуркање беше реализирано во рамки на меѓународната експедиција „Врело 2026“, со учество на нуркачки тимови од Македонија, Полска и Италија. Со достигнатата длабочина од 338 метри, подводната пештера Врело се најде на светската мапа на најзначајните истражени подводни пештери.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот Фејсбук-профил му се заблагодари на Питала за експедицијата, постигнатиот рекорд и придонесот во промоцијата на градот пред меѓународната јавност.
– Во мое име и во името на Советот, му изразувам огромна благодарност за експедицијата, за историскиот рекорд и за придонесот во светската промоција на нашиот град. Со ова признание, Скопје му оддава заслужена почит на човекот кој ги помести границите на истражувањето и ни даде уште една голема причина за гордост – објави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека Питала оставил трага во историјата на Врело и во срцето на Скопје, нагласувајќи дека градот ги почитува луѓето кои придонеле за неговата афирмација.
– Господин Питала остави трага во историјата на Врело и во срцето на Скопје. Од денес, нашиот град е и негов! Скопје ги памети и ги почитува луѓето што го задолжиле со своите дела – порача скопскиот градоначалник.
Со ова признание, Град Скопје му оддава почит на полскиот нуркач за неговиот исклучителен подвиг и придонесот во промоцијата на природниот потенцијал на Матка и Македонија на светско ниво.































