Енергетскиот сектор во Македонија бележи напредок во повеќе области, вклучително и зголемување на капацитетите од обновливи извори, реформи на пазарот на електрична енергија, изградба на нови интерконектори и усогласување со европската регулатива. Ова е наведено во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава за 2026 година, во кој се издвоени реализираните активности, законските промени и инфраструктурните проекти во енергетиката.
Еден од позначајните показатели е растот на обновливите извори, кои учествуваат со 58,22 проценти во вкупната инсталирана моќност, додека нивниот удел во домашното производство на електрична енергија изнесува 46,37 проценти. Овие бројки укажуваат на промена во структурата на домашните производствени капацитети и зголемување на значењето на зелената енергија, информираа од Министерството за енергетика и рудни суровини (МЕРМС).
Дополнително, годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година предвидува 67 нови капацитети со вкупна планирана моќност од 4.416 мегавати. Од нив, 59 се фотонапонски електрани, седум ветерни електрани и една гасна когенеративна електрана.
Во делот на законската регулатива, донесен е Законот за обновливи извори на енергија, со кој се поставува основата за понатамошен развој на секторот, поттикнување инвестиции и усогласување со европските регулаторни решенија.
Стратешката насока на енергетската политика е дефинирана и преку ревидираниот Национален план за енергија и клима 2025–2030, кој опфаќа мерки за декарбонизација, енергетска ефикасност, сигурност на снабдувањето, пазарни реформи и иновации.
Од МЕРМС наведуваат дека напредок е забележан и во функционирањето на пазарот на електрична енергија. Од мај 2026 година е активиран пазарот во текот на денот, кој им овозможува на учесниците пофлексибилно да ги усогласуваат понудата и побарувачката и поефикасно да управуваат со електроенергетскиот систем.
Во насока на регионално поврзување, МЕПСО потпиша договор со регионалниот координативен центар SEleNe, со што се создава основа за подобра размена на информации и координирано управување со електропреносната мрежа.
Значајни активности се спроведуваат и во делот на диверзификацијата на снабдувањето со природен гас. Изградбата на интерконекторот со Грција е во тек, а неговото завршување е планирано за 2027 година. Предвидена е и гасна врска со Србија, чија реализација треба да заврши до крајот на 2028 година, стои во соопштението од МЕРМС.
Во март 2026 година повторно стана оперативен продуктоводот Солун–Скопје, со што е овозможен директен транспорт на нафтени деривати меѓу двете локации.
Паралелно се гради и 400-киловолтниот интерконектор со Албанија, кој треба да ја зајакне електропреносната мрежа и да ги зголеми можностите за прекугранична размена на електрична енергија.
Енергетската ефикасност е уште една област опфатена во извештајот. Усвоена е тригодишна програма за обнова на јавните објекти, со која се предвидува годишно реновирање на три проценти од опфатениот фонд јавни згради на централно ниво. Целта е намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на институциите, стои во соопштението.
Во меѓувреме, развиена е и методологија за мерење на енергетската сиромаштија, која треба да овозможи подобро утврдување на состојбата и креирање поефикасни мерки за поддршка на ранливите домаќинства.
Во насока на интеграција со европскиот пазар, во јуни 2026 година започнала формална постапка за верификација на усогласеноста на домашната регулатива со европскиот Пакет за интеграција на пазарите на електрична енергија. Ова е дел од подготовките за идно поврзување на македонскиот пазар со европскиот.
Извештајот на Европската комисија ги опфаќа активностите во повеќе клучни сегменти на енергетиката – од производството и пазарните реформи до инфраструктурното поврзување, енергетската ефикасност и регулаторното усогласување.
Дел од мерките веќе се реализирани и се во функција, додека инфраструктурните инвестиции и планираните производствени капацитети се во фаза на спроведување. Стратешката цел е изградба на постабилен и поконкурентен енергетски систем, со поголемо домашно производство, диверзифицирани извори на снабдување, модерна инфраструктура и подобри услови за нови инвестиции.































