Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот потпишаа меморандум за соработка со кој се предвидува зајакнување на меѓуинституционалната координација и побезбедна размена на податоци во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам.
Меморандумот е потпишан во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (ЛЕРМС), финансиран од Европската Унија.
Проектот предвидува воспоставување заедничка, автоматизирана и одржлива платформа која ќе ги поврзе шесте институции. Системот ќе овозможи безбедна размена на информации, автоматизирано статистичко и аналитичко известување и следење на предметите во сите фази на кривично-правната постапка.
Преку платформата ќе се следат предметите од предистражните дејствија и поднесувањето кривични пријави, преку обвинителските и судските постапки, до финансиските истраги и процесите на одземање и конфискација на имот. Целта е подобра координација, поголема ефикасност и отчетност на институциите.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески истакна дека навремените, точни и квалитетни информации се клучни во борбата против криминалот и неговата превенција.
– Статистичките податоци треба да ни овозможат во секој момент да имаме детален преглед на трендовите на криминалитетот за навремено и успешно да ги пресретнуваме. Криминалот не познава граници, а криминалните структури дејствуваат брзо и ги користат најнапредните технологии. Затоа и нашиот одговор не смее да биде бавен, изолиран и заглавен во бирократски лавиринти – порача Савески.
Тој оцени дека координираната и брза размена на информации ќе придонесе за спречување на ширењето неточни и непроверени податоци, но и за зголемување на довербата во институциите и усогласување со европските стандарди.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, посочи дека дигитализацијата е од особено значење за зајакнување на капацитетите на институцијата, особено во следењето на предистражните постапки.
Тој објасни дека досега Финансиската полиција немала доволно информации за понатамошниот тек на кривичните пријави што ги поднесува, односно дали обвинителството покренало обвинение, ја отфрлило пријавата или предметот продолжил во судска постапка.
Според Ивановски, ЛЕРМС ќе овозможи подобро следење на предметите, полесна размена на информации и намалување на времето потребно за постапување.
– Мораме како институции да се подготвуваме за новата ера на дигитализација, во која документацијата и папирологијата ќе ги сведеме на минимум – рече Ивановски.
Тој изрази надеж дека вмрежувањето на шесте институции ќе придонесе и за забрзување на судските постапки и донесувањето пресуди, што е една од забелешките во извештајот на Европската комисија.
– Доколку немаме правосилни пресуди, излегува дека залудно работиме, вложуваме труд и трошиме енергија. Нашата цел е секоја наша пријава да заврши со правосилна судска пресуда – истакна Ивановски.
Претставничката на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Роберта Кортезе, оцени дека проектот е конкретен пример за партнерството меѓу Македонија и ЕУ и за напредокот во јакнењето на институциите и владеењето на правото.
Таа нагласи дека напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата не се оценува само преку законите и стратегиите, туку пред сè преку нивната имплементација и постигнатите резултати.
Кортезе посочи дека ЛЕРМС ќе овозможи целосна системска перспектива и подобра координација меѓу институциите, кои и понатаму ќе ги задржат своите надлежности и експертиза.
Посебно внимание, според неа, треба да се посвети на финансиските истраги и одземањето имот стекнат со криминал, како и на следењето, замрзнувањето, запленувањето и управувањето со конфискуваниот имот.
Таа нагласи дека долгорочниот успех на системот ќе зависи од неговата редовна употреба, вложувањето во кадарот и подготвеноста на институциите да ги користат податоците за спроведување реформи и постигнување конкретни, мерливи резултати.































