Фото: Пиксабеј/Илустрација

Дојави за поставени експлозивни направи во повеќе авиони што сообраќале низ Европа биле добиени утринава, јави австриската новинска агенција АПА. Дел од летовите биле пренасочени, а неколку авиони морале вонредно да слетаат.

Меѓу погодените биле и летови поврзани со италијанските аеродроми. Според АНСА, авион „Ербас А321“ на „Виз ер“, кој летал од Милано Малпенса кон Варшава, бил принуден привремено да слета на аеродромот во Виена.

Закана за бомба била упатена и за авион што летал од Хелсинки кон Виена. Летот го реализирала авиокомпанијата „Џетајм“, а авионот слетал во Виена според планираниот распоред.

Финските авиолинии соопштиле дека бомбашка закана добил и нивниот лет од Хелсинки кон Рим. Авионот бил придружуван од борбени авиони на италијанските воздухопловни сили до аеродромот Фјумичино.

Закани добиле и четири авиони што летале кон Прага. Чешката полиција соопштила дека се подготвува за нивното слетување и дека, според првичните процени, веројатноста заканите да бидат реални е мала.

Сепак, властите не ја потценуваат опасноста и ги презеле сите неопходни безбедносни мерки, со цел да се намали влијанието врз патниците и функционирањето на аеродромот. По слетувањето, авионите ќе бидат проверени од специјалисти за експлозивни направи.

Во Бугарија, пак, било соопштено дека три авиони биле принудени вонредно да слетаат. Два од нив летале од Мадрид и Копенхаген кон Софија, додека авион на „Рајанер“ на линијата Лондон – Софија бил пренасочен и слетал во Пловдив, пренесе „Индипендент“.

Инцидент бил регистриран и во Франција, каде на воениот аеродром во Евре, околу 100 километри северозападно од Париз, слетал авион на „Ер Лингус“ кој летал од Даблин кон Рим.

Според кабинетот на францускиот премиер, од авионот биле евакуирани 151 патник и шест членови на екипажот.