Фото: Нова Македонија

Извозот на стоки од Македонија во периодот од јануари до септември 2026 година достигнал 6,62 милијарди евра, што претставува раст од 10,8 проценти во однос на истиот период минатата година. Во меѓувреме, увозот се зголемил за 7,9 проценти и достигнал 9,18 милијарди евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во првите девет месеци од годината е забележан трговски дефицит од околу 2,56 милијарди евра.

Во структурата на извозот најголемо учество имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење за возила, авиони и бродови, деловите за седишта, како и другите катализатори на носачи.

Кај увозот, најзастапени се нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, освен суровите, платината и нејзините легури, другите метали од платинската група, како и моторните возила за превоз на лица.

Според обемот на надворешнотрговската размена, во периодот јануари – септември најголем промет е остварен со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија. Овие пет земји учествуваат со 49,7 проценти во вкупната трговска размена на земјава.

Земјите членки на Европската Унија, пак, учествуваат со 58,8 проценти во вкупната надворешнотрговска размена.