Со произнесување на судијката Ленка Давиткова по предлозите на дел од одбраната во доказната постапка, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против деветтемина полицајци обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Според обвинителниот предлог, обвинетите не ја извршиле својата службена должност и не направиле целосна и детална проверка при постапката за издавање позитивна согласност за лиценца за вршење угостителска дејност на кабарето „Пулс“.
Судот прифатил предлози за сослушување сведоци, кои треба да бидат повикани на 17 ноември. За 14 ноември е најавено изведување материјални докази предложени од одбраната.
Во пожарот што избувна во раните утрински часови на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени и пренесени во здравствени установи во земјава и во странство.
Трагедијата во „Пулс“ е една од најтешките во поновата историја на Македонија.
































