Фото: МИА

Банкарскиот сектор во земјава е стабилен и функционира согласно строга законска и регулаторна рамка, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во Централниот дневник на МРТ.

Таа посочи дека стабилноста на банкарскиот систем е резултат на долгогодишното искуство, строгите законски регулативи, подзаконските прописи на Народната банка, како и интерните процедури што ги применуваат банките.

Осврнувајќи се на состојбата со Алта банка, министерката оцени дека нејзиното учество во целокупниот банкарски сектор е речиси незначително, но нагласи дека загриженоста на клиентите е оправдана.

Според неа, актуелната состојба не произлегува од проблеми во работењето на банката во Македонија, туку е поврзана со случувањата во нејзината матична компанија во Србија, кои довеле до промени во сопственичката структура и последователни проблеми во работењето.

Димитриеска-Кочоска порача дека граѓаните треба да имаат доверба во банкарскиот систем и во Народната банка, која ги спроведува потребните активности за управување со состојбата.

Таа посочи дека во случај на потреба, депонентите се заштитени преку Фондот за осигурување депозити, изразувајќи уверување дека нема да дојде до ситуација во која ќе биде потребно негово активирање.

Во интервјуто министерката се осврна и на предлог-буџетот за 2027 година, нагласувајќи дека приоритет е исполнувањето на законските обврски, но и задржувањето на развојната компонента.

Таа најави и повисоки плати за вработените во институциите, како резултат на зголемувањето на минималната плата, а во одредени сектори и согласно потпишаните колективни договори.