Француските синдикати денеска повикаа на нови протести со барања за повисоки плати и против намалувањето на социјалните расходи, додека нивното членство се мобилизира за организирање генерален штрајк. Властите очекуваат на протестите да учествуваат неколку стотици илјади граѓани.
Засилено полициско присуство е предвидено со цел да се спречи повторување на насилството што ги одбележа претходните демонстрации во средината на октомври.
Се очекува повикот за штрајк да го прифатат и вработените во јавниот сектор, но засега не е познато во колкава мера ќе бидат нарушени сообраќајот и патувањата низ Франција.
Националниот железнички оператор „Си-Ен-Ес-Еф“ најавил само мали нарушувања во меѓуградскиот железнички сообраќај, пренесуваат медиумите. Неизвесно е дали штрајкот на контролорите на летање значително ќе влијае врз авиосообраќајот, додека париското метро треба да функционира според редовниот возен ред.
Поддршка за протестите дадоа и движењето „Жолти елеци“, како и ученичките и студентските организации. Тие во изминатите три саботи организирале демонстрации против високите трошоци за живот и со барања за подобрување на образованието.
Во меѓувреме, француската Влада се обидува да постигне компромис со демонстрантите. Министерот за економија, Ролан Лескјур, изјавил дека се разгледува можност за дополнително зголемување на минималната плата, надвор од покачувањето што е веќе предвидено за јануари 2027 година.
-Минималната плата опфаќа две прашања: висината и времето на зголемувањето. Во наредните денови ќе можеме да соопштиме нешто – изјавил Лескјур.

































