Фото: Архива

Две лица без знаци на живот и опожарено возило биле пронајдени вчера на локацијата „Ичева чешма“, во Горно Село, Богданци.

По пријавата, полициски службеници од Полициската станица од општа надлежност Гевгелија излегле на местото на настанот. Во близина на опожареното возило било пронајдено машко лице кое не давало знаци на живот. Станува збор за В.Г. (21) од Богданци, чија смрт била констатирана од екипа на Итната медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија.

Откако пожарот бил локализиран од страна на противпожарната бригада, во возилото било забележано уште едно опожарено тело без знаци на живот.

За случајот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а на местото бил извршен увид.

По наредба на јавниот обвинител, телата се предадени на обдукција со цел утврдување на идентитетот на второто лице, како и причините за смртта.

Надлежните преземаат мерки за утврдување на сите околности и целосно расчистување на случајот.