Народната банка ги известува граѓаните кои имаат платежни сметки во АЛТА банка АД Битола, а немаат платежни картички, дека од четврток, 5 ноември 2026 година, ќе започне подигањето средства од шалтерите во главната филијала на банката во Битола.
– За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата улицата „Добривое Радосављевиќ“ број 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку платежни сметки во банката, но немаат платежни картички – се вели во соопштението од банката.
Оттаму додаваат дека граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели.
– Од 6 ноември, вклучително и сабота 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти. Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред, за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање – информираат од НБРМ.
Оттаму додаваат дека за оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.
– Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, при што нема да се вршат други видови трансакции. Се работи на подготовка за отворање на шалтерите за пензионери и приматели на социјална помош и во други градови во земјата, за што Народната банка наскоро ќе извести – наведуваат во соопштението.































