РАКОМЕТ
- Црвено-жолтите се во групата осум, вечерва играат со Луксембург (од 19 часот, СЦ „Борис Трајковски“), а во таа група се и Шведска и Грција. Македонија игра за деветто последователно учество и 10-то вкупно на континенталните првенства
Македонската ракометна репрезентација во Скопје вечерва ги почнува квалификациите за јубилејниот 10-ти пласман на едно европско првенство (ЕП), овој пат за шампионатот во 2028 година, со дуелот со Луксембург (од 19 часот, СЦ „Борис Трајковски“), во меч од групата 8. Црвено-жолтите се стремат кон своето деветто последователно учество (серијата почна во 2012 година) и 10-то вкупно на континенталните првенства.
Луксембург никогаш не настапил на европски шампионат, а ова е само трето учество за таа репрезентација во втората фаза од квалификациите, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) во најавата на почетокот на квалификациите. Во групата осум се и селекциите на Шведска, која е рекордер со пет европски титули, и на Грција, со која Македонија ќе игра на гости в недела, во второто коло.
Вкупно 32 селекции во осум групи тргнуваат на пат кон Шпанија, Португалија и кон Швајцарија, со дуелите во првото коло од квалификациите за настап на ЕП 2028. Осум натпревари ја отвораат квалификациската серија, а преостанатите осум меча се закажани за утре. На Европското првенство во 2028 година ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја квалификациска група, како и четири најдобри селекции меѓу третопласираните. Директен пласман обезбедија домаќините на ЕП 2028 и актуелниот европски првак, Данска. Н.М.
































