Промоцијата на новопоставената маркација на зимската патека од Попова Шапка до Титов Врв во рамките на проектот „Славков“ ќе се одржи денеска, на Попова Шапка.
Промоцијата е дел од проектот „Славков“ („Маркација на планинарски патеки во Северна Македонија“), финансиран од амбасадите на Австрија, Чешка и на Словачка, а спроведуван од Планинарската федерација на Македонија и од „Одржливи авантуристички патувања“ – Скопје.
По промоцијата следува планинарска тура низ живописните предели од врвот Церипашина до врвот Антени (2.530 м), при што ќе дојдат до израз природните убавини на Шар Планина.
На планинарската тура се приклучи и светски познатиот чешки алпинист Марек Холечек, кој престојува во земјата како специјален гостин на фестивалот на планински филм ЕХО. Утре во 20 часот, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, тој ќе одржи презентација за своите искуства, а ќе биде претставен и проектот „Славков“.