- Семинар посветен на италијанската градина, урбаното зеленило и на одржливите решенија
На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје, денеска, во 10 часот ќе се одржи семинар посветен на италијанската градина, урбаното зеленило и одржливите решенија.
Настанот го организира агенцијата ИТА – Оддел за промоција на економската соработка при Амбасадата на Република Италија, во соработка со Факултетот „Ханс Ем“.
Предавачи ќе бидат двајца италијански експерти: Џузепе Балди, агроном и пејзажен дизајнер со меѓународно искуство, и проф. Алберто Барбарези од Универзитетот во Болоња, специјализиран за зелена инфраструктура и решенија базирани на природата. Доц. д-р Викторија Брндевска Стипановиќ од Факултетот „Ханс Ем“ ќе ја претстави темата „Урбаното зеленило во Северна Македонија – состојба, предизвици и перспективи“.
Програмата ќе опфати теми од различни области: архитектура и дизајн на италијанската градина, интеграција на природата во урбаниот дизајн, хортикултура и зелени иновации, одржување на растенијата и нивно приспособување на климатските промени. Посебен акцент ќе биде ставен на италијанските добри практики во уредувањето на јавните простори и зелените површини, производството на декоративни растенија и примената на одржливи решенија во пејзажната архитектура.
Целта на семинарот е да се претстават италијанските знаења, искуства и иновации, да се разгледаат актуелните предизвици во развојот на урбаното зеленило во Македонија и да се поттикне соработката меѓу италијанските и македонските професионалци.
Настанот е наменет за пејзажни архитекти, професори и студенти, претставници на општините, увозници и дистрибутери на растенија, како и компании и стручњаци од хортикултурата и расадничкото производство.

































