По 14 години, денес и утре во Прилеп се организира светски форум за ориентален тутун, на кој институции, организации и научници од целиот свет дебатираат за состојбата со производството на ориентален тутун.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, изјави дека е многу значајно што тука се дебатира за состојбите со производството на ориенталниот тип тутун, бидејќи во Прилеп веќе 102 години има научна мисла за производство на тутун.
– На вистинско место се собрани научниците и дебатираат за оваа доходовна индустриска гранка, не само за Прилеп, туку и за Македонија – рече Проданоски.
Според министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, значајно е што на овој начин Македонија се мапира на светската мапа како една од најголемите земји производители на тутун, особено прилепскиот регион, каде што тутунот е значајна култура со речиси 30 милиони килограми тутун на годишно ниво.
– Во економски бројки тоа значи дека 150 милиони евра влегуваат во државата. Опфаќаме голема групација на земјоделци, со што потенцираме колку се значајни и колку државата се грижи за нив. Производството на ориенталниот тип тутун има побарувачка, а ние сме едни од поголемите производители. Потребата е да се прошири како култура, но треба да бидеме внимателни во однос на европските регулативи. Деновиве одржавме состаноци со тутунопроизводителите и се очекува годинава да има слични цени како лани, плус субвенцијата од државата, при што ќе има мало реформирање на цените – рече министерот за земјоделство.
Според Џенаро Масиело, претседател на Унитап Европа, ако некаде се намали производството на ориентален тутун, на друго место ќе се премести, додека Мерцедес Веласкез смета дека, иако предизвиците се големи, тутунот како посебна култура, тешка за одгледување, опстојува, односно производството на ориентален тутун не е загрозено.
За Кире Ристески од Сојузот на тутунопроизводителите, многу е важно да се заштити тутунопроизводството.
Ка.М.


































