ФУДБАЛ
- Брајтон ги жнее плодовите од довербата во Фабијан Хурцелер, човекот што стана најмлад постојан тренер во историјата на Премиер-лигата кога беше назначен во јуни 2024 година на 31-годишна возраст, пишува „Би-би-си“
Кога Брајтон загуби дома од Кристал палас во февруари во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, Фабијан Хурцелер беше исвиркан од публиката и подложен на скандирања „ќе бидете отпуштен изутрина“, пишува „Би-би-си“.
– Постојат само две опции. Откажи се или продолжи да притискаш посилно, и тоа е секогаш опцијата што ја избирам во мојот живот – рече Германецот по поразот со 1-0 од нивните лути ривали, кој го остави неговиот тим на 14. место на табелата, со една победа во 12 меча од Премиер-лигата.
Осум месеци подоцна, Брајтон ги жнее плодовите од довербата во човекот што стана најмлад постојан тренер во историјата на Премиер-лигата кога беше назначен во јуни 2024 година на 31-годишна возраст. Кристал палас се враќа на стадионот „Амекс“ утре за да се соочи со ривалот што е на третото место на табелата по победите на мечот со актуелниот освојувач на титулата Арсенал и на дуелот со победникот на Лига Европа (ЛЕ), Астон вила.
Акциите на Хурцелер скокнаа по 11 победи во 18 меча од првата лига, серија што ги врати „Галебите“ во Европа и ги остави навивачите со чувство дека би можел да замине, пишува „Би-би-си“. Имаше разговор дека Хурцелер, награден со нов договор пред крајот на минатата сезона и со 150 милиони фунти за преодниот рок во лето, би можел да биде главна цел за голем клуб.
– Учиш повеќе за себе и за луѓето околу тебе кога губиш натпревари. Хурцелер излезе од другата страна и начинот на кој ја направи оваа група играчи е исклучителен – изјави поранешниот напаѓач на Брајтон, Глен Мареј, за „Би-би-си“, осврнувајќи се на слабата серија од минатата сезона.
Дали Брајтон ќе успее да го задржи Хурцелер, кој од тренер во петтото ниво на Германија дојде до интерес од големи клубови? Одлучноста што Хурцелер ја покажа пред лицето на лутина од гледачите по поразот од Палас минатата сезона беше очигледна во текот на неговата 10-годишна тренерска кариера. Во 2016 година, по една нова повреда, по престојот во резервите на Баерн, Хофенхајм и во Минхен 1860, поранешниот играч од средниот ред се откажа од професионалното играње за да прифати улога на играч-тренер во германскиот петтолигаш Пипинсрид на 23-годишна возраст. Тоа беше почеток на тренерско патување што го доведе до Премиер-лигата. За да сврзе крај со крај во Пипинсрид, кој е оддалечен околу 45 км од Минхен, опседнатиот со фудбал Хурцелер работел за трговец со уметнички дела продавајќи слики. Во интервју за „Гардијан“ во 2024 година тој откри дека бил отпуштен од таа работа затоа што поминувал премногу време гледајќи натпревари, пишува „Би-би-си“.
– Ако сакате да му продадете нешто некому, мора да се обидете да го убедите со тоа што ќе направите нешто. И не можете да отидете таму и да кажете: „Погледнете ја оваа слика, тоа е неверојатна слика“. Мора да ги разберете потребите и желбите на клиентите. Тоа е малку слично на тоа да се биде тренер. Најважно е да се разбере личноста зад играчот, кои се неговите потреби, кои се неговите вредности, како е образован, какво беше неговото минато – рече тој кога ја спореди продажбата на слики со тренирањето играчи од Премиер-лигата.
Опсесијата на Хурцелер за успех е длабока. Додека го водеше Сент Паули, кој го напушти во 2024 година за да се приклучи на Брајтон откако го врати клубот од Хамбург во Бундеслигата по 13-годишно отсуство, тој беше поканет на тренинг-центарот на Тотенхем за да гледа тренинг на Ејнџ Постекоглу. Тој, исто така, доби лекции од Роберто де Зерби во Брајтон, неколку месеци пред да го замени. И покрај респектабилните осми места по ред, времето на Хурцелер во Брајтон не беше без тешки моменти. Па, која е причината за промената откако неговите навивачи побараа негово отпуштање?
– Делумно е затоа што Хурцелер се врати на основите. Тој се потпре на искусно јадро во тимот за да излезе од кризата, што ја покажува неговата прагматична страна. Имате тренери што се врзани за својата филозофија и нема да се променат. Хурцелер сфати дека она што го прави не функционира и дека може да го чини работата, па проба нешто друго. Сега можете да видите дека ова е тим повеќе по негов лик, бидејќи тие притискаат неверојатно – рече Скот Мекарти, од фан-страницата „Ние сме Брајтон“, пренесе „Би-би-си“.
Н.М.
































