По повод Денот на сите македонски светители и одбележувањето на 40-годишнината од епископската служба на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ – Скопје во 9:00 часот ќе се одржи литургиско чествување.
-Возљубени во Господа, по повод празнувањето на Денот на сите македонски светители и одбележувањето на 40-годишнината од епископската служба на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, упатуваме срдечна покана до сиот верен народ за заедничко литургиско чествување – стои во соопштението од Соборниот храм во Скопје.
Светата Македонска Православна Црква во првата недела од месец октомври, со голема слава и чест го празнува споменот на сите македонски светители, кои со своите богоугодни дела имаат големо значење на само за македонскиот народ, туку и за целиот Христијански свет.
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан замонашен е на 3 јули 1986 година во манастирот „Свети Наум Охридски“ во Охрид, хиротонисан е за епископ на 12 јули 1986 година во храмот „Свети Димитриј“ во Скопје, како митрополит Злетовско-струмички, а по поделбата на епархијата, именуван е за митрополит на Брегалничката Епархија, со седиште во Штип.
Во наредните години, покрај работата на Православниот Богословски Факултет, бил главен уредник на весникот „Црковен живот“, а ги вршел и функциите ректор на Македонската Православна Богословија – Скопје, во периодот 1991 – 1999 година, и портпарол на Светиот архијерејски синод.
На Црковно-народниот собор, одржан на 9.10.1999 година, во Соборниот храм на древната Охридска Архиепископија „Света Софија“ во Охрид, бил избран, а на 10.10.1999 година востоличен како петти Поглавар на Македонската Православна Црква и оттогаш тој ја извршува должноста Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, а истовремено е и надлежен архијереј на Скопската Православна Епархија, пренесува МИА.
































