Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk забележа рекордна употреба во септември, кога граѓаните и компаниите поднеле 27.345 барања за електронски услуги, што е највисок месечен резултат досега, соопшти Министерството за дигитална трансформација, информираат од Министерството за дигитална трансформација.
– Со новиот рекорд, вкупниот број барања поднесени преку порталот надмина 400.000 и достигна 405.881 електронски барање – се вели во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека растот на користењето на платформата се должи на зголемувањето на бројот на достапни електронски услуги, поедноставувањето на постапките и сè поголемото вклучување на институциите кои ги дигитализираат своите услуги.
Како особено значајна се издвојува соработката со Државниот завод за статистика, со кој во изминатиот период биле дигитализирани повеќе услуги, вклучително и оние наменети за студентите и академската заедница.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека резултатите покажуваат дека граѓаните сè повеќе ги користат електронските услуги кога тие се достапни и едноставни за користење.
– Бројката од 27.345 барања за само еден месец е најдобриот резултат од постоењето на порталот. Уште поважно е што ја надминавме бројката од 400.000 барања. Ова покажува дека кога услугата е едноставна, достапна и целосно електронска, граѓаните ја користат – изјави Андоновски.
Тој додаде дека целта е во иднина што повеќе административни постапки да можат да се завршат онлајн, без посета на шалтери и без потреба граѓаните да доставуваат документи од една институција во друга.
Министерството најавува дека продолжува со дигитализација на нови услуги, нивно поврзување преку Платформата за интероперабилност и подобрување на корисничкото искуство на Националниот портал.
Според институцијата, фокусот останува на услугите кои граѓаните и компаниите најчесто ги користат, а чија дигитализација може да донесе заштеда на време и намалување на административните трошоци.






























