Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски очекува правосудните институции да постапат во случајот со 39-годишниот маж кој преку социјалните мрежи го навредувал и му упатувал закани по живот.

Мицкоски денеска, при посетата на ГП „Табановце“, изјави дека за заканите дознал вчера и оти очекува надлежните институции да презеле мерки согласно своите надлежности.

 – Јас во текот на вчерашниот ден дознав за тие закани коишто се напишани на социјалните медиуми од ова лице, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад. Тоа лице упати пцовки кон мене и моето семејство. Јас сум сепак институција и претпоставувам дека институциите ги преземале мерките согласно своите надлежности и оти преку МВР тоа лице е обезбедено. Се надевам дека понатаму правосудниот систем ќе постапи и ќе го спроведе онаму каде што му е местото – рече Мицкоски.

Утрово, Основното јавно обвинителство Куманово соопшти дека е поведена постапка против 39-годишен жител на селото Черкези, поради основано сомнение дека сторил кривично дело „загрозување на сигурноста“ од член 144 став 5 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, осомничениот преку пораки на социјалните мрежи го навредувал и му се заканувал на претседателот на Владата.

Поради околностите под кои било извршено делото, проценетиот ризик од бегство и претходното криминално однесување на осомничениот, јавниот обвинител побарал определување мерка притвор.

Од Обвинителството наведуваат дека 39-годишникот претходно се појавувал како сторител на кривични дела од областа на насилниот криминал, меѓу кои насилство и лихварство, како и на повеќе прекршоци поврзани со нарушување на јавниот ред и мир.

Според обезбедените докази за неговото претходно поведение, станува збор за конфликтна личност која, како што наведуваат од Обвинителството, често влегувала во расправии, упатувала закани и учествувала во физички пресметки со пријавители.

Од тие причини, обвинителството оценува дека постои реален ризик неговите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици.