Фото: Макрон / Инстаграм

Француската влада денеска ја известува Европската комисија (ЕК) за новата верзија на предлогот со кој треба да се забрани пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 15 години, откако Уставниот совет го поништи клучниот дел од претходниот закон, соопшти францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон изјави дека од почетокот на својот мандат се обврзал да ги заштити децата на интернет и дека ќе истрае во таа намера.

– По одлуката на Уставниот совет од средината на август за забраната на социјалните мрежи за помладите од 15 години, побарав од премиерот да најде решение во согласност со забелешките на Советот и со европското право. Тоа сега е направено – напиша Макрон на социјалната мрежа „Икс“.

Тој соопшти дека, по „темелна техничка работа“, француската влада денеска ја известува Европската комисија за новиот предлог.

Известувањето на ЕК е неопходен чекор во постапката, бидејќи предложените правила се однесуваат на дигитални услуги што функционираат на единствениот европски пазар. Комисијата треба да оцени дали предлогот е усогласен со европското законодавство, вклучувајќи ги правилата за дигиталните услуги и заштитата на личните податоци.

Францускиот парламент во јули усвои закон со кој на лицата помлади од 15 години требаше да им се забрани отворање профили на социјалните мрежи. Платформите требаше во рок од четири месеци да ги затворат и постојните профили на корисниците под таа возраст и да воведат системи за проверка на возраста, објави „Ројтерс“.

Меѓутоа, францускиот Уставен совет на 14 август оцени дека општата забрана несразмерно ги ограничува слободата на изразување и комуникација и правото на приватност.

Советот утврди и дека законот би барал од сите корисници, вклучително и од полнолетните, да ја докажуваат својата возраст, без притоа доволно јасно да бидат определени условите, ограничувањата и гаранциите за заштита на личните податоци.

По одлуката, Макрон му наложи на премиерот Себастијан Лекорни да подготви ново законско решение што ќе биде во согласност со францускиот Устав и со правото на Европската Унија. Францускиот претседател сака мерката да почне да се применува пред претседателските избори во пролетта 2027 година.

Деталите од новиот предлог, вклучувајќи го начинот на проверка на возраста и можните исклучоци од забраната, сè уште не се јавно објавени. На [порталот на Европската комисија за известување за технички прописи засега е достапна документацијата за претходната верзија на францускиот предлог.

Паралелно со подготовката на националното решение, Макрон побара и воведување единствена забрана на ниво на Европската Унија. Во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тој предложи со европски закон да се забрани пристапот до социјалните мрежи за сите деца помлади од 15 години во Унијата, објави „Ројтерс“.

Европската комисија разгледува повеќе можности за ограничување на пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, меѓу кои и постепен модел со различни правила во зависност од возраста. Макрон се залага за построго решение, односно за целосна забрана до навршувањето 15 години.