НОВИ ПОДАТОЦИ

Светските океани се потопли од кога било досега поради промените предизвикани од човекот и сè поизразениот временски феномен Ел Нињо. Просечната температура на површината на морето надвор од поларните региони достигнала 21,1 Целзиусов степен, според податоците од европската служба за климатски промени „Коперник“. Ова малку ја надмина температурата од 21,09 Целзиусов степен, која е забележана во текот на три одделни дена во март 2024 година, а моменталната температура е далеку над просекот за ова време од годината.

Овој рекорд е сигнал дека океаните се под зголемен притисок

Потоплите океани може да имаат далекосежни последици, вклучувајќи интензивирање на екстремните временски настани, зголемување на нивото на морето и уништување на морскиот свет.
– Овој рекорд е уште еден јасен сигнал дека океаните се под зголемен притисок.
Ел Нињо додава топлина во системот, но тоа го прави покрај децении поминати во затоплување предизвикано од човекот – рече Саманта Бургес, заменик-директорка на „Коперник“.
Податоците се базираат на температурите на морето на длабочина од десет метри, со мерења од бродови и сателити за да се добие глобална процена. Иако разликата во споредба со претходниот рекорд е многу мала и секоја глобална процена вклучува одредено ниво на неизвесност, научниците истакнуваат дека времето од годината во кое е забележан рекордот е особено значајно.
Просечните температури на морињата низ целиот свет обично го достигнуваат својот годишен врв во март или април, што одговара на крајот на летото на јужната хемисфера, а не во август. На јужната хемисфера има поголем дел океанска површина на планетата отколку на северната, па затоа има поголемо влијание врз просечната температура на морето. Научниците се особено загрижени што океаните се веќе толку топли иако природниот временски феномен Ел Нињо е сè уште далеку од очекуваниот врв.

Ел Нињо носи невообичаено топла вода на површината

Ел Нињо носи невообичаено топла вода на површината на источниот и централниот тропски Тихи Океан. Потоплите води на толку голема површина значат дека и глобалните просечни температури имаат тенденција да растат. Се очекува Ел Нињо да продолжи да се зајакнува до декември, а научниците предупредуваат дека би можел да стане најсилен во последните векови.
Поради тоа, температурите на океаните би можеле дополнително да се зголемат.
– Фактот дека веќе уриваме рекорди е ран показател за тоа колку силен станува Ел Нињо. Доколку сè друго е исто, можеме да очекуваме рекордот на температура на океанот повторно да биде урнат во март или април 2027 година – рече Џереми Грист, виш истражувач во Националниот океанографски центар во Саутемптон.
Водите далеку од пацифичката област каде што е активен Ел Нињо се исклучително топли, вклучувајќи ги и оние околу Обединетото Кралство и Европа. Западниот дел од Ла Манш е изложен на услови на морски топлотни бранови речиси континуирано повеќе од три години, при што температурите во јули достигнаа 7 Целзиусови степени над нормалата.