- Амбасадата на Јапонија и Музејот на современата уметност на 17 септември во Музејот на современата уметност во 19 часот организираат предавање на Ивана Ангелова
Што ако градот не се обликува само од она што го градиме туку и од она што останува неизградено? Амбасадата на Јапонија и Музејот на современата уметност на 17 септември во Музејот на современа уметност во 19 часот организираат предавање на Ивана Ангелова, кое ги истражува улиците, градините, зелените коридори, празнините и секојдневната култура што им вдахнува живот на просторите во Токио.
Како концептуален пандан на тековната изложба, ова предавање ја разгледува неизградената средина како суштински, но често занемарен дел од градот. Нѐ повикува да погледнеме подалеку од изградените структури и да ги согледаме просторите преку кои градот се поврзува, се доживува и се живее.
Во јапонскиот контекст, „неизградено“ не значи едноставно празно. Тоа ги вклучува тесните улици и премини, малите паркови, зелените коридори и речните брегови, градините (големи и мали, приватни и јавни), како и сите празнини, рабови и меѓупростори што тивко го поврзуваат урбаното ткиво.
Наместо да бидат празни, овие простори активно учествуваат во создавањето на градот.
Со особен фокус на Токио, предавањето ги разгледува овие често мали и ненаметливи простори како места каде што изградената средина почнува да „дише“. Тие создаваат простор за движење, средби, природа и мали ритуали на секојдневниот живот. Но најинтересното кај нив можеби не е само нивната физичка форма туку и начинот на кој луѓето ги користат: како се грижат за нив, како поминуваат низ нив, како садат во нив и ги прават свои. Во таа смисла, овие простори никогаш не се само „помеѓу“. Тие стануваат дел од животот на градот, обликувани еднакво и од своите корисници и од својот дизајн.
Дискусијата накратко ќе се осврне и на постземјотресно Скопје и визијата на Кензо Танге за неговата реконструкција, нудејќи поинаква перспектива за односот меѓу изграденото и неизграденото. Додека Токио ја открива вредноста на малите, детално разработени и постепено создадени простори, Скопје отвора прашања за улогата на отворениот простор, инфраструктурата и јавниот живот во рамките на големите планерски визии за модерен град.
Овие два контекста се доведуваат во дијалог, поттикнувајќи нѐ повторно да размислиме што е она што го комплетира градот. Можеби урбаната средина не се обликува само од она што го градиме туку еднакво и од она што го оставаме отворено, го поврзуваме, го негуваме, се грижиме за него и го правиме свое.
Ивана Ангелова е доцентка на Институтот за животна средина, Катедра за екологија и заштита на животната средина, при Факултетот за земјоделски науки и храна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Дипломирала архитектура и магистрирала на Архитектонскиот факултет при УКИМ, а докторските студии ги завршила како стипендистка на Владата на Јапонија (MEXT) на Универзитетот „Меиџи“ во Токио, Јапонија.
Нејзината експертиза е насочена кон квалитетот на јавниот простор, урбаната отпорност, просторните услови, урбаното земјоделство и зелените градови.
Ивана поседува меѓународно академско и професионално искуство стекнато во Јапонија, Еквадор, Германија, Шпанија и Северна Македонија. Активно е вклучена и во наставните активности на Архитектонскиот факултет, особено во предметите поврзани со урбаното проектирање и пејзажната архитектура.
Предавањето ќе се одржи на македонски јазик. С.Ј.































