ВАТЕРПОЛО – ВТОР МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР ВО ЗАГРЕБ „ШАЛАТА 2026“
- Сакам посебно да го истакнам податокот дека нашите натпревари ги следеше и македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој се одзва веднаш штом го поканивме на турнирот, а направивме и заедничка фотографија. Притоа, Ѓурчевски се интересираше за работата на нашиот клуб, како функционираме, каде се натпреваруваме, вели играчот, капитен и претседател на МКД Мастерс, како и ватерполо-судија, Андреј Ѓорѓиевски
Скопскиот ветерански ватерполо-клуб МКД Мастерс го освои петтото место на втoриот меѓународен ватерполо-турнир за ветерани „Шалата мастерс 2026“, кој се одржа изминатиот викенд во два натпреварувачки дена на отворениот базен во главниот град на Хрватска, Загреб. Второто издание на овој турнир понуди два дена врвно ветеранско ватерполо-надигрување, одлични дуели, другарство и вистинска натпреварувачка енергија, а победничкиот трофеј го крена екипата на Галеб од Макарска, која во финалниот дуел славеше над домаќинот, екипата на Вал, со 9-8. Третото место го освои екипата на Нуде, кој го совлада Шести тим, но дури по изведувањето на пеналите, откако во регуларниот дел беше 5-5.
За разлика од неодамнешниот ватерполо-турнир во Дубровник, каде што исто така настапи македонскиот ветерански претставник МКД Мастерс и се играше по други правила (со скратени димензии на игралиштето и бројот на играчи н.з.), овој турнир на отворениот базен во Загреб беше стандарден, со вообичаени правила, со таа разлика што се играа само по две полувремиња од по осум минути, а секоја екипа се состоеше од шест играчи плус голман.
– Можам да кажам дека организацијата на турнирот беше одлична, а домаќините добро нѐ пречекаа. Годинава настапија вкупно шест екипи, од кои пет од Хрватска. Се играше во Спортскиот центар „Шалата“, кој покрај отворениот базен се состои и од игралиште за хокеј, има тениски игралишта, како и терени за други спортови. Играа ватерполо-ветерани постари од 35 години и јас сум целосно задоволен од играта што ја прикажа нашиот клуб на овој квалитетен турнир. Малку недостасуваше токму ние да играме за третата позиција наместо за петтата. Следниот ветерански турнир на кој ќе настапи нашиот клуб МКД Мастерс е во октомври, во Требиње – ни изјави играчот, капитен и претседател на МКД Мастерс, како и ватерполо-судија, Андреј Ѓорѓиевски.
Турнирот уште еднаш потврди дека ветеранското ватерполо не е само зачувување на спомените од деновите на играње туку и сериозна конкуренција, големо пријателство и љубов кон спортот што не завршува со крајот на професионалната кариера на еден играч. Овој турнир ги здружи играчите што одамна ги завршија своите активни кариери, но никогаш не го напуштија базенот, односно и по триесет години останува навика што го одржува здравјето, енергијата и квалитетот на сопствениот живот. Тоа очигледно уште еднаш беше потврдено и на турнирот во Загреб.
– Турнирот имаше сериозна поддршка од Министерството за спорт на Хрватска, од тамошниот Ватерполо-сојуз и од Град Загреб и сѐ беше на високо организациско ниво. Натпреварите ги судеа официјални судии, меѓу кои бев и јас. По завршувањето на турнирот беше организирана и свечена вечера за сите учесници, која помина во пријатна атмосфера – додава Ѓорѓиевски.
Сепак, турнирот „Шалата мастерс“ не беше само спортски натпревар, надигрување како да се дојде до победа. Гостинските екипи беа во Загреб неколку дена, а турнирот повторно комбинираше спорт, дружење, потсетување на поранешните играчки спомени и, секако, промоција на градот Загреб.
– Сакам посебно да го истакнам податокот дека нашите натпревари ги следеше и македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, кој се одзва веднаш штом го поканивме на турнирот, а направивме и заедничка фотографија. Притоа, Ѓурчевски се интересираше за работата на нашиот клуб, како функционираме, каде се натпреваруваме… – вели играчот, капитен и претседател на МКД Мастерс, како и ватерполо-судија, Андреј Ѓорѓиевски. Г.И.
Резултати
ГРУПА А
Вал – МКД Мастерс 14-10
Вал – Шести тим 10-7
Шести тим – МКД Мастерс 9-8
ГРУПА Б
Галеб – Гломазни отпад 7-4
Галеб – Нуде 5-1
Гломазни отпад – Нуде 3-5
Натпревар за петто место
МКД Мастерс – Гломазни отпад 9-8
Натпревар за трето место
Нуде – Шести тим 5-5 (на пенали 2-0)
Натпревар за прво место
Галеб – Вал 9-8































