Со учеството на Северна Македонија и Србија, Вертикалниот коридор дополнително се проширува на Западен Балкан, зајакнувајќи ја својата основна улога како регионална енергетска рута која ги поврзува диверзифицираните извори на снабдување со пазарите во цела Југоисточна и Централна Европа, соопшти Грчкиот национален оператор за пренос на природен гас (ДЕСФА), јави дописничката на МИА од Атина.
Вчерашното потпишување на Меморандумот за разбирање во Солун со кое Македонија и Србија и официјално се вклучија во Вертикалниот коридор, доби голема медиумска покриеност во Грција со коментари дека се воспоставува „нов енергетски мост од Грција кон Балканот“, додека пак од ДЕСФА преку соопштение посочуваат дека е „значаен чекор за проширувањето на регионалната енергетска соработка“.
– Проширувањето ја одразува континуираната соработка меѓу компаниите што учествуваат во иницијативата, со поддршка на министрите за енергетика на инволвираните земји, зајакнувањето на безбедноста на снабдувањето, диверзификација на изворите и на рутите за снабдување и зајакнување на регионалната поврзаност. Преку новиот Меморандум, компаниите учеснички дополнително ќе ги координираат развојот и работата на нивните поврзани системи за пренос, фокусирајќи се на оптимизирање на употребата на постојната инфраструктура, идентификување на дополнителните инфраструктурни потреби, зајакнување на можностите за двонасочен проток на природен гас и проширување на прекуграничниот капацитет – соопштија од ДЕСФА.
Додадоа дека со приклучувањето на двете нови членки, Вертикалниот коридор сега ги обединува операторите од Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина, Молдавија, Северна Македонија и Србија, а соработката ќе продолжи и на регулаторно, техничко и комерцијално ниво, со цел „Вертикалниот коридор да стане пофлексибилен, поконкурентен и попривлечен за пазарот“.
– Новиот Меморандум за соработка ја зајакнува посветеноста на компаниите учеснички за дополнителен развој на Вертикалниот коридор како стратешка компонента на енергетската безбедност и регионалната енергетска поврзаност – посочија од ДЕСФА.
Извршна директорка на ДЕСФА Марија Сферуца по потпишувањето посочи дека со вклучувањето на нашата земја и Србија, Вертикалниот коридор „значително го проширува географскиот опфат на иницијативата и ги зајакнува врските меѓу Југоисточна Европа и Западен Балкан“, но и дека операторите од земјите учеснички, преку соработката, „можат подобро да ја искористат постојната инфраструктура, да поддржат нови интерконекции и да создадат поголема флексибилност за регионот“.
Грчките медиуми пишуваат дека со проширувањето на Вертикалниот коридор се отвора „нова рута за пренос на природен гас од Грција кон Западен Балкан“, но и ја анализираат важноста на конкретната иницијатива, како за самата земја, така и за поширокиот регион.
„Вертикален коридор: Нова енергетска порта со проширување кон Западен Балкан“; „На Западен Балкан Вертикалниот коридор“; „Вертикален коридор: Нов енергетски мост од Грција кон Балканот – потпишани договорите со Северна Македонија и Србија“; „Проширување на Вертикалниот коридор: Во Солун потпишан новиот Меморандум за соработка – се приклучуваат Северна Македонија и Србија“; „Вертикален коридор: Проширување на Западен Балкан со Северна Македонија и Србија – нов енергетски мост преку Грција“; „Претставници на националните оператори од Балканот потпишаа меморандум за проширување на Вертикалниот коридор за природен гас на 10-тиот Енергетски форум на Југоисточна Европа“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
Државната телевизија ЕРТ коментира дека целта е „да се зајакнат алтернативните рути за снабдување и дополнително да се унапреди енергетската улога на Грција во регионот“.
Информативниот портал „Пауер гејм“ коментира дека од проект што првично беше замислен како алтернативна рута за природен гас од Грција кон Бугарија, Романија, Молдавија и Украина, сега „Вертикалниот коридор со забрзано темпо се развива во поширока инфраструктурна мрежа што се проширува кон Западен Балкан и потенцијално ќе стигне подлабоко во Централна Европа, до Унгарија и Словачка“.
– Официјалното приклучување на Северна Македонија и Србија кон иницијативата, со Меморандумот за соработка потпишан во петокот, 4 септември, во Солун, практично создава втора балканска оска за проток на природен гас што не е од руско потекло од југ кон север – пишува порталот.
Додава дека значењето на овој чекор е „поголемо од самото географско проширување на проектот“, бидејќи за Грција значи дека инфраструктурата за увоз на природен гас, добиваат пристап до поголем потенцијален пазар.
– За Северна Македонија, тоа значи дека од краен потрошувач на природен гас постепено може да се претвори и во земја-транзит, додека за Србија се создава уште еден канал за снабдување со гас од југ – пишува порталот.
Онлајн изданието на весникот „Та неа“ пишува дека со проширувањето„се создава нова енергетска географија во Југоисточна Европа, а Грција добива клучна и зајакната улога како енергетска порта“
– Проширувањето на Коридорот кон Западен Балкан се проценува дека значително ги зајакнува регионалните енергетски интерконекции и соработката во областа на безбедноста на снабдувањето на земјите од регионот, но и на Европа и поради намалувањето на зависноста од рускиот природен гас. Вертикалниот коридор веќе добива поголем географски обем и го проширува пазарот на кој може да се насочат количините на течен природен гас (ЛНГ) што влегуваат преку грчката инфраструктура – пишува весникот.
Додава дека проширувањето со двете балкански земји „додава втора насока и истовремено му дава поголема флексибилност на системот, а дополнително ја зајакнува улогата на Грција како јужна енергетска порта на Европа“.
Онлајн изданието на весникот „Прото тема“ пишува дека почнува клучен тримесечен период на технички, комерцијални и регулаторни преговори за Вертикалниот коридор, со цел „да се трансформира од збир на меѓусебно поврзани национални мрежи во навистина единствена и конкурентна рута за транспорт на природен гас од Грција кон Балканот и Централна Европа“.
Вчера, на маргините на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF) во Солун, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама го потпиша Меморандумот за разбирање за приклучување кон иницијативата „Вертикален коридор“, со што Македонија и официјално стана дел од иницијативата, пренесува МИА.


































