Фото: Пиксабеј

Добра работа, стабилна врска, дом, пријатели – на хартија сè изгледа како што треба. Но, психотерапевтот Метју Вилнер пишува во Гардијан (The Guardian) дека дел од неговите клиенти стигнуваат на терапија токму откако ги постигнале работите за кои долго верувале дека ќе им донесат исполнетост. Наместо задоволство, чувствуваат празнина, раздразливост или изолација.

Вилнер, кој работи претежно со мажи, објаснува дека многумина со години следат едноставна животна формула: ако работат напорно, создадат стабилен дом и изградат кариера, на крајот ќе стигнат до чувство на сигурност и смисла. Проблемот се појавува кога целта е постигната, а очекуваното чувство не доаѓа.

Тој ваквата состојба ја споредува со форма на непрепознаена загуба – човек не тагува по нешто што го изгубил, туку по иднината што очекувал да го направи среќен. Наместо таа тага јасно да се препознае, кај некои луѓе може да се појават лутина, рамнодушност, прекумерна работа или повлекување од блиските.

Вилнер посочува дека проблемот не е самиот успех, туку кога вредноста на човекот целосно се врзува за постигнувања, продуктивност и исполнување на туѓи очекувања. Тогаш и професионалниот успех може да остави чувство дека нешто суштинско недостига – блискост, припадност или чувство дека животот има смисла и надвор од работата.

Според психотерапевтот, излезот не е човек да се откаже од амбициите, туку да почне да ги разгледува причините поради кои ги следи. Прашањето не е само „што уште треба да постигнам?“, туку и „што навистина ми дава чувство на смисла и поврзаност?“.