Критики за лидерите на ЕУ поради користење одмор среде криза
- Mеѓу оние што се најдоа на удар на јавноста се шпанскиот премиер Педро Санчез и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои користеа „слободни денови“ во текот на мигрантската криза на Сеута
Политичките лидери на Европската Унија се на одмор додека геополитичките тензии и природните катастрофи ја потресуваат Европа среде лето. Европската јавност апелира на нивно присуство при справување со тековните кризни состојби, објавува „Политико“.
Меѓу оние што се најдоа на удар на јавноста се шпанскиот премиер Педро Санчез и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кои користеа денови за одмор во текот на мигранската криза на Сеута.
Влезот на 72 илјади мигранти во шпанската енклава Сеута во Африка, на 30 јули, се случи во првите неколку часа откако шпанскиот премиер Педро Санчез го почна својот еднонеделен летен одмор. Но шпанскиот лидер соодветно ги одложи своите планови и отпатува во северноафриканскиот крајбрежен град, каде што одржа телевизиско обраќање, реагирајќи на критиките од другите лидери на ЕУ. Но штом беше проценето дека вонредната состојба е под контрола, Санчез го продолжи својот закажан одмор во државна вила на островот Ланзароте.
Неговата одлука да земе слободни денови додека политичките потреси продолжуваа да го потресуваат блокот предизвика критики од опозициските политичари, кои го обвинија премиерот за „невидена себичност“ за земање денови за одмор додека ситуацијата во Сеута е „далеку од нормална“.
– Санчез го навредува шпанскиот народ со тоа што останува на својот одмор на плажа – истакна Елијас Бендодо, заменик-секретар на централно-десничарската Народна партија.
Шпанската влада ги отфрли критиките, забележувајќи дека премиерот не само што е достапен туку и активно учествува во состаноците од далечина, инсистирајќи дека државата останува целосно оперативна, дури и кога нејзините лидери се отсутни.
Контрадикторноста од земањето одмор на носители на јавна функција во време кога има криза
Санчез не е единствениот лидер на ЕУ што дозволува кризните ситуации да му го попречат одморот во август. Во момент кога патувањето без пасош е суспендирано меѓу Шпанија и Италија, а нивните премиери отворено разменуваат критики, се чини дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја прифатила помирната страна на летото на некоја неоткриена рурална локација. Додека спорот за миграцијата сè уште трае, Фон дер Лајен објави видео на Инстаграм – барајќи имиња за две пилиња изведени од нејзината кокошка Чикелета. И покрај лежерната објава, портпарол на комисијата изјави за „Политико“ дека Фон дер Лајен продолжува да ги следи случувањата низ целиот блок и „останува во постојан контакт со својот тим во Брисел и нејзиниот колеџ“.
– Иако семејното време е важно, таа секогаш внимателно ги следи сите критични прашања, останува целосно ангажирана и интервенира директно кога е потребно – додаде портпаролот, инсистирајќи дека претседателката на комисијата внимателно ги следела случувањата во Сеута и била во „секојдневен контакт“ со тројцата комесари вклучени во директното справување со кризата.
Портпаролот, исто така, нагласи дека комисијата останува „целосно оперативна“ во текот на летото, со „дежурни комесари“ назначени за да се обезбеди член на колеџот да биде достапен во периодите кога Брисел станува град дух.
Слично на тоа, одредени национални влади, како финската, јавно објавуваат кога министрите се на летен одмор и кои од нивните заменици ги раководат нивните портфолија.
– Она што е важно од перспектива на управување со кризи е одговорните органи да можат брзо да донесуваат одлуки, да ги мобилизираат потребните ресурси и да го координираат одговорот – рече посебен портпарол на комисијата.
Одморот може да биде ризичен за функцијата
Но дури и кога се воспоставени механизми за да се обезбеди дека владите имаат способност да управуваат со драматични ситуации, службениците на одмор ризикуваат да изгледаат бездушно или рамнодушно ако продолжат да одат на одмор за време на криза.
– Емоциите играат важна улога во комуникацијата во криза. Луѓето веројатно се несигурни, вознемирени, можеби бесни или депресивни поради тоа што изгубиле поседи или дури и нивни блиски, и сакаат овие емоции да бидат слушнати од оние што се на власт. Физичкото присуство може многу поефикасно да сигнализира дека овие емоции се сфаќаат сериозно и се слушнати – вели Олга Ајзеле, истражувачка за комуникации во кризни ситуации на Универзитетот во Амстердам.
Во 2022 година, министерката за животна средина на Северна Рајна-Вестфалија, Урсула Хајнен-Есер, беше принудена да се повлече откако беше откриено дека го продолжила одморот на Мајорка неколку дена по катастрофалните поплави во кои загинаа над 180 луѓе во Западна Германија претходната година. Германската федерална министерка за семејство Ане Шпигел, исто така, поднесе оставка поради негативните реакции за слично четиринеделно одморање во Франција по катастрофата.
Евангелина Петриду, експертка за управување со кризи и професорка по политички науки на Универзитетот Средна Шведска, рече дека голем број фактори го обликуваат интензитетот на негативните реакции на отсуството на лидерот за време на криза.
– Дали опозицијата го користи настанот како оружје, дали е тоа мнозинска или малцинска влада и дали постои институција за справување со кризата што може да го ублажи притисокот од поединечниот министер или јавен службеник, сите овие фактори можат да имаат ефект – објаснува Петриду.
Друг фактор, според Ајзеле, е времето од годината во кое функционерите одат на одмор.
– Ако лидерите се на одмор, тогаш тоа е обично време кога не се случуваат многу нешта – рече Ајзеле, додавајќи дека иако се претпочита физичко присуство при кризи, утехата може да дојде и на далечина, ако јавноста е убедена дека ситуацијата се решава компетентно.
Стравот од негативни реа кции ги откажуваодморите
Високи британски воени функционери своевремено го обвинија тогашниот британски премиер Борис Џонсон за „занемарување на должноста“ за неговата одлука да се упати на одмор во Сомерсет додека талибанските сили напредуваа кон преземање на Кабул во Авганистан, во август 2021 година. Неговиот министер за надворешни работи Доминик Рааб се соочи со уште поголеми критики за тоа што остана на одмор на Крит сè додека не падна авганистанската престолнина, во момент кога британските сили очајно се обидуваа да ги евакуираат цивилите.
Иако и тој беше на одмор кога талибанците го зазедоа Кабул, францускиот претседател Емануел Макрон не се соочи со слична осуда, откако одржа телевизиско обраќање до нацијата од Форт де Брегансон, крајбрежното одморалиште што традиционално го користи шефот на државата на Франција.
Стравот од негативни реакции наведува многумина лидери да ги откажат одморите во услови на кризни ситуации. Поранешниот британски премиер Кир Стармер го откажа семејниот одмор во август 2024 година, бидејќи десничарските немири се ширеа низ Англија, а португалскиот премиер Луис Монтенегро слично одби да земе одмор додека шумските пожари беснееја низ целата земја минатата година.
Европејците не очекуваат лидерите да го жртвуваат слободното време
Но податоците сугерираат дека Европејците не очекуваат нужно нивните лидери да го жртвуваат своето слободно време при првиот знак на проблеми.
Анкетата на „Ипсос“ од јули 2025 година покажа дека 46 проценти од Британците сметаат дека е важно премиерот да земе одмор, додека 44 проценти веруваат дека шефот на владата треба да земе приближно исто толку време одмор колку и просечниот работник. Повеќе од три четвртини – 78 проценти – рекоа дека е важно премиерот да биде лесно достапен додека е отсутен.
Политичарите на Стариот Континент можат да се соочат и со помал притисок за жртвување на своите одмори, со оглед на работната култура во која одморот се смета за право. Податоците на Меѓународната организација на трудот покажуваат дека Европејците имаат право на повеќе платен годишен одмор од работниците во кој било друг дел од светот, а анкетите како годишното истражување за работните услови во Европа на „Еурофаунд“ покажуваат дека граѓаните на блокот силно го ценат балансот помеѓу работата и приватниот живот.
Од таа причина, Ајзеле од Универзитетот во Амстердам рече дека реакцијата поради отсуствата за време на празниците обично е поврзана со поголеми проблеми со имиџот.
– Ако лидерот има силна поддршка, тогаш непојавувањето веднаш може да му биде простено. Но ако конкретниот функционер веќе има проблеми со популарноста, кризите обично се погодна ситуација за доведување во прашање на компетентноста на политичкиот лидер – заклучува Ајзеле. Р.С.
































