Пентагон тврди дека иако не постојат знаци дека сириската Влада е подготвена да изведе напад со хемиско оружје, таа и понатаму има можност да изведе „ограничени напади во иднина“.
– Тие ќе имаат можност да изведат ограничени напади во иднина, не би го исклучил тоа. Сепак, додека ја разгледуваат динамиката за изведување на такви напади, мора да гледаат преку рамо и да се загрижат дали ги набљудуваме и оти ќе имаме можност повторно да ги нападнеме, доколку тоа биде неопходнио – изјави директорот на Генералштабот на здружените вооружени сили на САД, генерал полковник Кенет Мекензи.
Портпаролката на Пентагон, Дејна Вајт наведе дека не се пријавени цивилни жртви во минатонеделните ракетни напади, кои САД ги изведоа заедно со Франција и Велика Британија.
– Тоа е доказ за прецизноста на оружјето на САД и сојузниците – посочи Вајт.
Таа ги негираше наводите на Русија дека соборила значителен број на ракети.
– САД се убедени, но не и 100 отсто сигурни дека хемиското оружје се наоѓало на сите три места, што беа мета на нападите. На тие места најверојатно имаше хлор и сарин – наведе Вајт.