- Ако со денови ја повторувате истата реченица во главата, не сте единствени. Психолозите објаснуваат зошто мозокот се враќа на непријатните разговори и кога тоа станува некорисно
Дали ви се случило со часови, па дури и со денови, во мислите да го повторувате истиот непријатен разговор? Според психологијата, тоа е вообичаена појава и не значи дека нешто не е во ред со вас, пишува Сајколоџи тудеј (Psychology Today).
Психолозите објаснуваат дека мозокот природно им посветува поголемо внимание на непријатните отколку на пријатните искуства. Овој феномен е познат како „пристрасност кон негативното“ и е една од причините зошто критиката, незгодниот коментар или расправијата остануваат во сеќавањето многу подолго од убавите разговори.
Дополнително, кога чувствуваме дека сме кажале нешто погрешно или сме можеле подобро да реагираме, мозокот повторно ја анализира ситуацијата во обид да извлече поука и да нè подготви за слични ситуации во иднина.
Сепак, експертите предупредуваат дека постои разлика меѓу корисното преиспитување и постојаното „вртење во круг“ на истите мисли. Ако одново и одново го повторуваме разговорот без да дојдеме до нов заклучок, тоа повеќе не помага, туку само го зголемува чувството на непријатност.
Затоа психолозите советуваат да се запрашаме дали навистина учиме нешто од таа ситуација или само ја повторуваме истата приказна. Доколку нема нов увид, подобро е вниманието свесно да се насочи кон друга активност, наместо мозокот бескрајно да ја анализира истата случка.
































