Пораки од државниот врв по повод Илинден
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето илинденско обраќање порача дека Илинден и АСНОМ се темелите на македонската државност и потсети дека слободата е изборена од македонскиот народ, а не подарена од некој друг.
Таа оцени дека АСНОМ бил длабоко осмислен државотворен чин, инспириран од Илинденското востание и европските демократски традиции, при што ги истакна Панко Брашнаров, Димитар Влахов, Павел Шатев и Методија Андонов-Ченто како личности што го продолжиле идеалот на Гоце Делчев.
Посебен акцент беше ставен на ликот и делото на Ченто, за кого претседателката рече дека неправедно бил прогонуван и осуден поради идеи што произлегувале токму од одлуките на АСНОМ. Таа оцени дека станувало збор за политичка, а не правна пресуда.
– Многупати сум се прашувала како се случи овој македонски горостас да биде не само отстранет од политиката туку и на некој начин избришан од историјата? Денес сигурно знаеме дека со својата принципиелност, конзистентност и доследност, тој стекнал некои непријатели меѓу моќните носители на власта, за жал, негови довчерашни соборци. Да потсетам дека со монтиран судски процес, нему му е судено и пресудено за ставови и идеи коишто се идентични со одлуките на Првото заседание на АСНОМ. Прашувам: Може ли Ченто да биде кривично одговорен пред македонскиот народен суд за идеите на АСНОМ? Се разбира, не, но владејачката политичка номенклатура и зависното, комунистичко судство му пресудиле со партиска пресуда, а не според Уставот и законите – истакна Сиљановска-Давкова.
Во говорот беше нагласено дека антифашизмот останува трајна вредност на македонската држава, а историските факти не смеат да бидат предмет на ревизија.
– Партизаните и асномците го вградија антифашизмот како суштинска и трајна македонска определба и еден од темелите на македонската држава. Нашата Народноослободителна борба беше епохално, автентично дело, а слободата не ни беше подарена од некој друг, туку сами се ослободивме со нашата 120.000 бројна народноослободителна војска. Значи, никому не му должиме за тешко изборената држава. Токму затоа, никој нема право да ја ревидира нашата национална историја оти секој народ, па и македонскиот, има право на своја историја – порача македонската претседателка
сврнувајќи се на денешните предизвици, претседателката порача дека државата се брани преку демократски институции, почитување на Уставот, владеење на правото и еднакви права за сите граѓани и заедници.
Таа предупреди дека иселувањето на младите е еден од најголемите проблеми и повика на бескомпромисна борба против корупцијата, организираниот криминал и партократијата, за знаењето и способноста да станат главни критериуми за успех.
Во делот за надворешната политика, претседателката повтори дека Македонија останува цврсто определена за европската иднина, но оцени дека земјата се соочува со постојани барања, кои го засегаат правото на самоопределување и националниот идентитет. Според неа, од застојот во евроинтеграциите губат и Македонија и Европската Унија.
Говорот заврши со повик за национално помирување и единство околу прашањата од државен интерес, со порака дека иднината може да се гради само ако се зачуваат вредностите на Илинден и АСНОМ. С.Т.
Христијан Мицкоски: Секоја генерација има свој удел во Илинден
Во свеченото илинденско обраќање, премиерот Христијан МИцкоски истакна дека Илинден не е само историски датум туку траен завет и карактер на македонскиот народ, а Крушевската Република и АСНОМ се две неразделни етапи во создавањето на македонската државност.
Во говорот тој истакна дека идејата за слобода родена во Крушево добила своја државотворна форма на АСНОМ, преку делото на Никола Карев и Методија Андонов-Ченто, а историскиот континуитет меѓу двата Илиндена е основа на македонскиот национален идентитет.
Мицкоски посебно ја потенцираше улогата на АСНОМ во воспоставувањето демократски права и антифашизмот како трајна определба, со оценка дека „слободата не ја донесе никој однадвор“, туку македонскиот народ сам ја изборил својата државност.
Понатаму порача дека денешната генерација нема задача да ги повторува подвизите на илинденците, туку да ја покаже истата храброст преку изградба на силна, праведна и просперитетна држава.
– Секоја генерација има свој Илинден, а денешната обврска е Македонија повторно да стане земја во која младите ќе сакаат да останат, да работат и да создаваат семејства – посочи Мицкоски.
Уште оцени дека земјата се соочува со последна голема битка за својата иднина, при што беше упатена критика кон претходните политички отстапки и кон актуелната опозиција. Притоа беше нагласено: „Никогаш нема да се откажам од борбата да ја направиме Македонија подобро место за живеење… Јас предавства на штета на државата и народот по ниту една цена нема да направам“.
Централна порака во говорот беше дека денес не се води само политичка или економска битка туку „битка за човековиот дух“, односно за зачувување на надежта, довербата и достоинството. Според говорникот, најголемата опасност е народот да престане да верува во себе и да го прифати песимизмот како нормална состојба.
Во продолжение македонскиот премиер повика на непокор не само против надворешните предизвици туку и против криминалот, неправдата, цинизмот и сите обиди да се уништи довербата во државата и институциите. Истакна дека критиката е добредојдена, но не и систематското ширење песимизам и безнадежност.
Мицкоски го заврши говорот со порака за национално единство и заедничка одговорност кон идните генерации.
– Надежта не е наивност. Надежта е одлука, а крајната цел е идните поколенија да кажат дека ова била генерацијата што повторно ја исправила земјата, ја вратила довербата и останала верна на идеалите на Илинден и АСНОМ – поентираше Мицкоски. С.Т.
Милошоски: Нашето востание денес е демографијата – да не бидеме генерацијата што оставила празни домови!
Од Мечкин Камен, потпретседателот Милошоски го посвети говорот на илинденските идеали, но и на современите предизвици, оценувајќи дека денешната борба за Македонија не се води со оружје, туку со зачувување на народот, семејството и државата.
Потсетувајќи на саможртвата на Питу Гули и неговите соборци, Милошоски истакна дека тие „се бореле затоа што одбиле да живеат без надеж“, иако однапред знаеле дека шансите за победа биле минимални. Според него, токму таа жртва станала темел на македонската државност.
Тој направи историска врска меѓу Илинденското востание, АСНОМ и референдумот од 1991 година, нагласувајќи дека секоја генерација имала своја историска задача, а денешната има обврска „оваа слободна Македонија денес да има кој да ја наследи утре“.
Во центарот на говорот беше демографската криза. Милошоски предупреди дека тоа што има сѐ помалку деца претставува најголема опасност за иднината на државата, прашувајќи: „Што ќе вредат спомениците, ако нема детски раце што ќе положат цвеќе пред нив? Колку ќе вреди македонскиот јазик, ако нема кој да го говори?“
Тој порача дека „нашето востание денес не се пушката и црешовото топче, туку одговорноста да се создаде семејство и да се воспитаат деца. Демографијата е нашата нова борба за Македонија“, повикувајќи грижата за семејството да стане национален приоритет.
Осврнувајќи се на политичките поделби, Милошоски рече дека Македонија мора да биде над сите разлики.
– Партиите доаѓаат и си одат. Владите се менуваат. Татковината е таа што останува… Националното единство е присуство на заедничка одговорност за државата – истакна тој.
Во делот за националниот идентитет порача дека патриотизмот не се сведува само на чествување на историјата туку и на зачувување на јазикот, културата и историската меморија. Притоа нагласи: „Македонија не бара ништо што му припаѓа на друг. Но, никој не може да очекува од нас да се откажеме од она што сме“, додавајќи дека достоинството се гради во заедништво со сите граѓани на државата.
Говорот го заврши со порака дека најголемата почит кон илинденците е создавање држава во која младите ќе сакаат да останат.
– Слободата ја наследивме од предците. Иднината им ја должиме на потомците – рече Милошоски, повикувајќи Македонија да им се предаде на идните генерации како жива, развиена и исполнета татковина. С.Т.































