Судот донесе пресуда којашто е во согласност на правдата и сè она кое што претставува очекување на граѓаните во однос на измислените случаи „Талир 1“ и „Талир 2“. Oслободителната пресуда на поранешниот премиер Никола Груевски, пак, е последица на законските измени во Кривичниот законик донесени од претходната влада, изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
– Мојот став е многу јасен. ВМРО-ДПМНЕ во тој период кога беше предмет на политички прогон и би рекол еден вид агресија од страна на претходната влада, измислија случаи коишто не постојат, како што се „Талир 1“ и „Талир 2“. Вчера конечно судот што се однесува до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ донесе пресуда којашто е соодветно, во согласност на правдата и сè она кое што претставува очекување на граѓаните. Што се однесува за другиот дел од пресудата и лицето коешто е опфатено со другиот дел од пресудата, од она што можев да го прочитам од одговорот на Кривичниот совет при Основниот суд, можам да заклучам дека станува збор за последица од измените во Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ – рече Мицкоски на новинарско прашање по извршениот увид во активностите за регулација на коритото на Сува Река, во општина Сарај.
Како резултат на тие законски измени, нагласи тој, имало многу политички амнестии, а многу ќе следат и во иднина.
– За жал, еднаш кога ќе направите грешка, таа грешка потоа станува правило и ве следи. А што се однесува до политичката партија, најголемата политичка партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ, можам да кажам дека конечно правдата е задоволена – додаде Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје вчера го ослободи од обвинение поранешниот премиер Никола Груевски за случајот „Талир 2“ за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата ослободителна пресуда, како што беше кажано, е исклучиво резултат на донесување на Законот за изменувањето и дополнувањето на Кривичниот законик во 2023 година, а судот го одби и предлогот на Обвинителството за конфискација на седиштето на партијата, пренесува МИА.
































