ФУДБАЛ
- Од почетокот на минатата година единствениот европски играч со повеќе
меѓународни голови од Ојарзабал е норвешкиот напаѓач Холанд, со 22, пишува „Би-би-си“
Микел Ојарсабал, кој можеби не е најголемата ѕвезда во шпанската репрезентација, досега блесна најсилно на Светското првенство. Како што пренесува Би-би-си, 29-годишниот напаѓач на Реал Сосиедад постигна два гола во победата на актуелниот европски шампион против Австрија од 3-0. Со овој триумф, Шпанија ја обезбеди својата прва нокаут-победа на Мундијалите по 16 години и се пласираше во осминафиналето.
– Тој е еден од најдобрите напаѓачи во моментов во Шпанија. За Шпанија, луѓето знаат дека е еден од најдобрите меѓу најдобрите. Тој е ајкула, знаете? – рече поранешниот шпански напаѓач Давид Виља во поткастот „Фудбал дејли“.
Во поголемиот дел од меѓународната кариера што почна пред една деценија на 19-годишна возраст, Ојарзабал не уживаше во голема популарност. Тој го пропушти Светското првенство во 2022 година поради повреда на предниот вкрстен лигамент на левото колено. Но четири години подоцна, и пред дебито на светско првенство, тој беше во најдобра форма досега, со 12 гола во 12 меѓународни настапи. Со двата гола на мечот со Австрија ја продолжи таа низа на 17 во неговите претходни 16 настапи како стартер, со вкупно четири гола на годинашното СП.
– Неговите претходни две сезони, откако закрепна, се најдобри во неговата кариера. Четири гола на Светското првенство, најодлучувачки играч на Шпанија, без сомнение – изјави шпанскиот фудбалски дописник Гилем Балаге за „Би-би-си“.
Шпанија играше незаборавно без признаен напаѓач на Европското првенство во 2012 година, но Ојарзабал сега е во фокусот на нивните напади со два одлични гола против Австрија.
– Понекогаш луѓето се сомневаат во Шпанија поради централниот напаѓач, но Ојарзабал ја врши работата. Пред неколку години, Ојарзабал играше малку повеќе на десното крило и се префрли повеќе во средината – изјави поранешниот шпански дефанзивец Сезар Аспиликуета за „Би-би-си“.
Од почетокот на минатата година, единствениот европски играч со повеќе меѓународни голови од Ојарзабал е норвешкиот напаѓач Ерлинг Холанд, со 22. Тој, исто така, стана првиот шпански фудбалер што постигна два гола во нокаут-натпревар на светско првенство по Емилио Бутрагењо на мечот со Данска во осминафиналето од СП во 1986 година.
Ојарзабал е, исто така, редок вид во модерниот фудбал, бидејќи во текот на целата своја кариера играл само за еден клуб, Сосиедад. Тој ја имаше својата најдобра сезона со 15 првенствени гола, што се совпаѓа со неговата импресивна форма за неговата репрезентација. Ојарзабал неодамна откри дека неговиот глад за постигнување голови почнал кога бил млад и играл друг спорт.
– Порано играв хокеј и постигнував многу голови. Секогаш го имав овој глас во главата: „Не е важно дали си промашил еден, ќе има уште“. Можев да ги намирисам головите, а тој глас секогаш ми беше во главата – рече тој.
Поцентралното играње сега очигледно му одговара на Ојарзабал и на неговата желба да продолжи да постигнува голови.
– Играчите на други позиции треба да поминат повеќе време со топката или да се вклучат повеќе за да почувствуваат дека играат добро. Но ако играте повисоко на теренот, а особено ако сте напаѓач како мене, сѐ се сведува на неколку моменти. Често мора да почувствуваме каде може да падне топката или каде треба да стоите за да имате шанса за гол – рече Ојарзабал. Н.М.































