Ако поминувате премногу време на телефон, променете ги навиките

Медицински совет

Без разлика дали сакаме да признаеме или не, премногу време поминуваме на нашите паметни телефони секој ден. Но како да го промениме тоа? Експертите даваат неколку корисни совети. Паметните телефони станаа неопходен дел од нашите животи. Тие одамна не се само уреди што ни овозможуваат да останеме во контакт со други луѓе туку станаа и паричници, камери, извор на забава, но и на зависност. Иако зависноста од телефони сè уште не е толку омразена во општеството како зависноста од опијати или алкохол, експертите предупредуваат на интересни паралели. На пример, и зависноста од технологија и зависноста од алкохол му обезбедуваат на мозокот исти стимули – позитивни и негативни. Но она што ја влошува зависноста од технологијата е фактот што таа го става мозокот во постојана состојба на чекање „награди“ во форма на смешни видеа, нови следбеници и известувања.

Дека ова е сè посериозен проблем покажуваат и цела низа апликации и хардвер што треба да им помогнат на луѓето да го преиспитаат својот однос со технологијата. И корисниците и експертите забележале дека прекумерната употреба на технологија (на пр. паметни телефони) води од забава до лошо расположение и општ очај. Па, како да се промени тоа? Експертите се согласуваат – алатките се тука, само треба да ги користите.
Без разлика дали го користите вашиот паметен телефон за работа или за приватни цели, добро е да погледнете некои статистики што ќе ви ги отворат очите. Сите тие имаат вградени алатки за следење и контрола на времето поминато пред екранот, кои можете да ги најдете во поставките, а тие овозможуваат следење на времето поминато на одредени апликации, но исто така нудат можност за ограничување на пристапот или периодот во кој ги користите. Родителите се запознаени со овие ограничувања бидејќи можат да ги користат за да го ограничат времето што нивните деца го поминуваат на својот паметен телефон или на одредени апликации. Доволно е да погледнете во кои од нив поминувате најмногу време за да станете свесни дека можеби имате проблем.