Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (23)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Илија Петковски
Постои една група на животни што секојдневно ја гледаме околу нас, но никогаш правилно не ја именуваме. Тоа се синантропните видови. Во оваа група спаѓаат видови што се моментално на рекордно ниво на бројност во урбаните средини во Македонија, а тоа се враните, гулабите, стаорците, кучињата, мачките, како и многу други организми што успешно се приспособиле на живот од ѓубрето. Важно е веднаш да се расчисти една заблуда што често се повторува во јавноста. Овие животни не живеат благодарение на човечката љубов и грижа. Тие живеат благодарение на човечкото ѓубре. Нивниот опстанок е резултат на природна селекција што траела со генерации. Преживуваат само оние единки што најдобро знаат да ги искористат условите што ги создаваме. Денес ги има повеќе од кога било во градовите низ Македонија. Причината е едноставна. Градовите се поголеми и похаотични, има повеќе луѓе, повеќе отпад и повеќе диви депонии. Во исто време селата се празнат, а животот се концентрира во урбаните средини. Овие животни само ја следат таа промена, затоа што таму каде што има храна и отпад, таму тие преживуваат. Тие се одраз на нашата грда урбана неорганизираност и нечистотија. Колку повеќе градот е валкан, колку управувањето со сметот и отворените депонии е хаотично, толку големи единки на синантропни видови на животни се присутни. Во чисти организирани градови достапниот смет е ограничен и затоа таму постојат единствено мали, ретко видливи, синантропни видови на животни. Помалку смет дозволува развој на мали и малобројни синантропни видови и обратно, многу достапен смет дозволува развој на многубројни и големи единки. Не мора да сте кинолог за да забележите: урбаните миленици сè почесто се мали кучиња, најчесто околу пет килограми, што е поврзано со начинот на живот и просторот на сопствениците. Од друга страна, бездомните кучиња се многу поголеми, над дваесет и пет килограми, затоа што имаат постојан пристап до храна во градовите, особено околу отпад, пазари и диви депонии и трендот на оставање ручеци од претходниот ден или вреќи евтина храна пред зграда. Со таа храна се хранат сите синантропни видови. Во Македонија дебатата за бездомните животни парадоксално е насочена кон погрешната популација. Наместо кон синантропните популации што биологијата и урбаната екологија ги проучуваат повеќе од еден век, вниманието најчесто се насочува кон урбаните чипирани миленици и нивните одговорни сопственици. Најголем дел од предложените мерки се однесува на кучињата миленици иако станува збор за сосема различна популација од бездомните кучиња, со различна екологија, различни извори на храна и различни модели на размножување. Во реалноста, интеракцијата меѓу контролирано чуваните чипирани миленици и слободноживеачките синантропни популации е далеку помала отколку што често се претставува во јавноста, а токму затоа фокусирањето на милениците води кон погрешни заклучоци и уште повеќе погрешни решенија. Причините за хиперпопулацијата на синантропните видови се миграцијата село-град, контејнерите што се прелеваат, дивите депонии на перифериите, отпадот околу пазарите, неуредените простори околу индустриските зони и огромните количества органски отпад што секојдневно остануваат достапни за животните. Сите тие милениумски совршено знаат да ги искористат условите што ги создал човекот.
Ова не е ново откритие. Рејмонд Копингер во своите истражувања на слободноживеачки кучиња покажува дека овие популации функционираат како самостојни биолошки системи чија бројност е тесно поврзана со достапноста на храна. Колку повеќе достапна храна има во средината толку поголем број единки може да преживеат и да се размножуваат. Тоа е едноставен природен закон што важи за сите видови, а не само за кучињата.
Истата логика важи и за другите синантропни видови. Никој не се чуди зошто има повеќе стаорци околу депонии отколку во чисти средини. Никој не се чуди зошто гулабите се концентрираат околу пазари и места каде што има остатоци од храна. Но кога станува збор за кучињата и мачките, често се заборава дека важат истите биолошки правила. Животните не се појавуваат таму каде што има најмногу љубов. Тие се појавуваат таму каде што има најмногу можности за преживување.
Затоа не е случајно што научниците што се занимаваат со урбана екологија и синантропни видови со децении доаѓаат до слични заклучоци. Истражувањата на Џерод Х. Мејер за урбани екосистеми, Дејвид Мекдоналд за екологијата на месојадите во човечка средина и Алан Бек за урбаните популации на кучиња укажуваат на истата појава: достапноста на ресурсите е главниот фактор што ја одредува големината на една популација. Кажано на едноставен јазик, ако има храна, ќе има животни. Ако има многу храна, ќе има многу животни и некои од нив ќе бидат многу големи.

Токму затоа е интересно да се споредат различни држави. Во земјите што имаат модерни системи за управување со отпад, контролирани депонии, затворени контејнери и минимална достапност на органски отпад, популациите на слободноживеачки кучиња се мали или практично непостојни. Не затоа што нивните кучиња се различни од нашите. Не затоа што нивните граѓани повеќе ги сакаат животните. Туку затоа што таму нема постојан извор на храна што може да одржува голема популација. Од друга страна, во средини каде што отпадот е насекаде, каде што постојат диви депонии и каде што храната е лесно достапна, секогаш има и голем број синантропни видови. Тоа важи за стаорци, гулаби, инсекти, кучиња и мачки еднакво.
Можеби токму затоа најголемата заблуда во јавноста е верувањето дека проблемот со бездомните животни може да се реши исклучиво преку мерки насочени кон сопствениците на милениците. Без разлика дали некој поддржува кастрации, прифатилишта или други пристапи, ниту една мерка нема да даде долгорочен резултат ако истовремено остане непроменета средината што секојдневно произведува услови за појава на нови единки. Додека постои неограничен извор на достапна храна, природата секогаш ќе најде начин да ја пополни празнината.
На крајот, синантропните видови не се најголемата приказна во оваа тема. Тие се само видлива последица на нешто што никој не сака да го види. Вистинската приказна е отпадот. Истите причини поради кои се загадени воздухот, водата и почвата се и причините што ги одржуваат популациите на слободноживеачки животни. Колку повеќе ѓубре има во една средина, толку повеќе ќе има синантропни видови. Колку подобро се управува со отпадот, толку помалку ќе ги има. Затоа можеби најточната реченица за целата оваа дебата е и наједноставната: многу ѓубре – многу бездомни животни. Малку ѓубре – малку бездомни животни. Сè друго е разговор за последиците, додека причината и понатаму стои пред нас, на истото место каде што ја оставаме со години.


































