Уште еден помалку препознаен аспект на нашиот државен и национален опстанок
- Во Уставот формално не би се впишале само неколку илјади лица попишани како Бугари. Во политичка смисла, Македонија би го отворила својот највисок правен акт за држава што има повеќе од шест милиони жители и која веќе подолго време покажува амбиција да биде арбитер на македонските идентитетски прашања. Таму каде што денес се бара впишување, утре ќе следуваат нови барања. Таму каде што денес се зборува за една реченица во Уставот, утре ќе биде отворена портата слободно да се ревидираат прашања за историјата, образованието, културата, медиумите, мешање во изборите, ремоделирање на институциите и ревизија на политичкиот систем
Македонија е (повторно) пред историски крстопат. Последните пораки што доаѓаат од европските институции односно извештајот на Европскиот парламент, во пакет со упорните условувања на Софија, ја отвораат темата што веќе одамна престана да биде административно или дипломатско прашање. Запишувањето на Бугарите во Уставот денес се претставува како услов за продолжување на европскиот пат, како некаква техничка операција што не би предизвикала суштински последици врз државата… Аларм!!! Голема заблуда е мислењето дека станува збор само за додавање уште една етничка заедница во преамбулата на Уставот. Голема заблуда е уверувањето дека тоа нема да го наруши националниот баланс, ниту пак дека нема да отвори нови политички процеси. Напротив. Прашањето одамна ја надмина рамката на човековите права и влезе во просторот на идентитетот, историјата и државниот суверенитет.
Бројките (не) се суштината?!
Според последниот попис, во Македонија како Бугари се изјасниле нешто повеќе од три илјади граѓани. Самата бројка навистина и не претставува никаков проблем во нашето општество. Тие ги уживаат своите индивидуални права, а и како ситен колективитет, во секој поглед, токму онака како што налагаат меѓународноправните (и европски) норми по тој основ. Но Софија не е задоволна, а и Брисел исто така. И ЕУ сега притиска 0,19 отсто од вкупното резидентно малцинско население на земјава да го направи државотворно, за да започне процесот на наше евроинтегрирање?!
Дајте, да бидеме сериозни. Дали навистина спорот се води околу тие неколку илјади луѓе?
Секој што внимателно ги следи бугарските политички позиции знае дека не станува збор за тоа. Не станува збор за правата на 3.500 лица. Не станува збор ниту за нивна културна афирмација. Станува збор за многу поширока политичка и историска агенда, која со децении е насочена кон редефинирање на македонскиот идентитет. Затоа впишувањето на Бугарите во Уставот не се доживува како впишување неколку илјади македонски граѓани што се чувствуваат како Бугари. Во политичката логика што доаѓа од Софија, тоа значи отворање на вратата за претензии што се протегаат врз целиот македонски историски, културен и национален простор, ремоделирање на институциите и политичкиот систем и безобѕирно мешање во нашите избори.
Во Уставот не се впишуваат 3.500 луѓе, туку повеќе од шест милиони жители – Бугари, според последниот попис кај нашиот источен сосед

Токму тука се наоѓа суштинската дилема што многумина одбиваат да ја видат.
Во Уставот формално не би се впишале само неколку илјади лица попишани како Бугари. Во политичка смисла, Македонија би го отворила својот највисок правен акт за држава што има повеќе од шест милиони жители и која веќе подолго време покажува амбиција да биде арбитер на македонските идентитетски прашања. Таму каде што денес се бара впишување, утре ќе следуваат нови барања. Таму каде што денес се зборува за една реченица во Уставот, утре ќе биде отворена портата слободно да се ревидираат прашања за историјата, образованието, културата, медиумите, мешање во изборите, институциите и ревизија на политичкиот систем. Историјата на Балканот покажува дека ретко која национална политика се задоволува со првата добиена отстапка.
Од малцинско прашање до национално прашање
Ако барањето беше само за заштита на едно малцинство, тогаш немаше да постојат условувања поврзани со „заедничка историја“, со историски комисии, со ревизии на учебници, со толкувања на национални херои и со постојани вета. Токму тие елементи покажуваат дека прашањето не е етничко, туку национално. Во игра не е статусот на Бугарите во Македонија, туку нихилирање на статусот на Македонците како посебен народ и наметнување на статусот на целиот бугарски народ од нивната матична држава како носител на државност во два различни државни ентитета, кои по внесување во уставот на помалата држава, заради поголема „функционалност“ природно би се фузирале?! Треба да ни е повеќе од јасно дека зад формулацијата за уставни измени стои обид за институционализирање на една политика што не го признава македонскиот народ во неговиот историски континуитет и самобитност.
Сирените за тревога мора да бидат вклучени
Македонија денес нема право на наивност! Нема право на политички импровизации. Нема право да верува дека секое попуштање автоматски ќе донесе мир и стабилност.
Кога една држава е соочена со барања што директно навлегуваат во нејзиниот историски наратив, нејзиниот јазик, нејзината културна меморија и нејзиниот идентитет, тогаш станува збор за прашање од највисок национален интерес.
Токму затоа ова не е момент за рамнодушност. Не е момент за партиски калкулации. Не е момент на лицитации за кои некои добиле дебели аванси. Стоп за дневнополитички пресметки во кои губиме фокусираност, енергија, а и време… Ова е момент за национално освестување. Македонија мора да одговори како држава.
Секоја генерација има свој историски испит. Нашата генерација денес е исправена пред прашањето дали ќе дозволи идентитетските темели на македонската држава да станат предмет на надворешни условувања или ќе покаже зрелост, единство и државничка одговорност.
Предизвикот е голем. Притисоците се силни. Но уште поголема мора да биде решителноста на државата да ги заштити сопствените национални интереси.
Затоа сирените за национална тревога мора да бидат вклучени. Не како повик за страв, туку како повик за будност, повик за национална мобилизација и повик да се подготвиме за подолготрајна борба од која не се плашиме. Не како повик за конфронтација, туку како повик за единство.
Зашто народ што не ги препознава опасностите навреме, ризикува утре да се соочи со последици што веќе нема да може да ги исправи. А Македонија нема веќе право на таква историска грешка. Р.Н.М.


































