Унапредувањето на билатералната соработка меѓу македонската и италијанската полиција, како и заедничкото справување со современите безбедносни предизвици, биле во фокусот на средбата што денеска во Рим ја одржа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, со генералниот директор на италијанската полиција.
Средбата била организирана со поддршка на проектот EU4FAST, а главни теми биле борбата против тероризмот, организираниот и транснационалниот криминал, илегалната миграција, сајбер-криминалот, злоупотребите поврзани со криптовалутите и превенцијата од криминал преку интернет, пренесе МИА.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека двете полициски служби ја потврдиле подготвеноста за натамошно интензивирање на размената на информации, податоци и оперативни искуства во борбата против криминалните активности на поединци и организирани криминални групи.
Посебен акцент бил ставен на развојот на заеднички проекти во областа на обуките, едукацијата и размената на добри практики, особено во справувањето со тероризмот, сајбер-криминалот, илегалната миграција и злоупотребите на криптовалутите.
На средбата била разгледана и можноста за воспоставување поцврста институционална рамка преку подготовка на меморандум или протокол за соработка, со јасно дефинирани контакт-точки од двете полиции за областите од заеднички интерес.
Според МВР, ваквиот пристап ќе овозможи побрза комуникација, поефикасна координација и навремена размена на информации и оперативни сознанија.
Дополнително, била изразена подготвеност за развој на нови регионални иницијативи и проекти, имајќи предвид дека современите безбедносни закани не познаваат граници и бараат координиран меѓународен пристап.
Од МВР оценуваат дека македонската и италијанската полиција остануваат доверливи партнери кои преку професионална соработка, размена на искуства и заеднички активности придонесуваат за националната, регионалната и меѓународната безбедност.


































