Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инцидентот со опожарувањето на бугарските дипломатски возила како повод

  • Додека македонската дипломатија успешно ги афирмира своите аргументи против бугарската непринципиелна блокада во Брисел, инцидентот со опожарувањето дипломатски возила паркирани непосредно пред бугарската амбасада во центарот на Скопје се искористи како перфидна алатка за уривање на угледот на државата и нејзино претставување како нетолерантна средина. Штетата е повеќеслојна, и тоа од материјална и безбедносна за бугарскиот имот и ДКП-персоналот, па се до таков облик на инцидент што направи колосална штета по угледот, кредибилитетот на Македонија, која се бори да докаже дека е зрела, стабилна и подготвена за ЕУ. Од друга страна, користа од инцидентот е еднострана, имено користа е исклучиво за официјална Софија и таа максимално го користи тој инцидент во своја полза…

Во период кога македонскиот евроинтегративен пат со години е заложник на асиметрични билатерални уцени, сè повидлива и поагресивна станува упорноста на македонската дипломатија во меѓународната арена. Наместо пасивно прифаќање на наметнатиот диктат, дипломатијата како да ги консолидира своите позиции преку силна офанзива, насочена кон обезбедување моќни и влијателни сојузници во рамките на самата Европска Унија.

Овој стратешки пресврт, кој резултира со сè погласни критики од европски дипломати и европратеници кон ригорозните и идентитетски обоени протоколи, јасно покажува дека македонските аргументи засновани на меѓународното право и европските вредности конечно почнуваат да го пробиваат бедемот на бугарската блокада.

И токму во моментите кога државата успева да го сврти меѓународното внимание кон неправедноста на сопствениот третман, на сцена стапуваат добропознатите деструктивни сценарија. Имено, без никаква посебна причина или повод ќе се појави понекој инцидент, како оној од завчера, кога 44-годишен скопјанец опожари две возила пред бугарската амбасада во Скопје, по што експресно беше откриен и приведен од страна на македонската полиција и против него веќе се води постапка.

Македонската влада со остра осуда

Македонската влада веднаш излезе со осуда на вандалскиот чин на опожарување возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, оценувајќи го како сериозен напад врз безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право.

Од Владата порачаа дека ваквите постапки „не смеат да имаат место во демократска држава“, нагласувајќи дека инцидентот претставува обид за нарушување на јавниот ред и поттикнување тензии.
– Секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран – порачуваат од Владата, притоа додавајќи дека државата има капацитет и ќе реагира со полна сила на институциите, со цел зачувување на институционалниот поредок и заштита на нејзината репутација.
Владата повтори дека останува посветена на заштита на граѓаните и дипломатските мисии во земјата, како и на зачувување на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оствари телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, при што најостро го осуди инцидентот во кој се опожарени возила во сопственост на бугарската амбасада.
– Министерството им дава целосна поддршка на надлежните институции во насока на брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел да се утврди одговорноста и сторителот соодветно да биде санкциониран – ѝ рекол Муцунски на Петрова-Чамова.

Јотова: Инцидентот е рефлексија на континуирана антибугарска реторика

Најдобра потврда дека ваквите инциденти ѝ одат во полза исклучиво на официјална Софија е експресната реакција на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која токму преку реакцијата директно посочи кои се крајните цели што сака да ги постигне Бугарија со овој чин.
– Категорично го осудувам палењето дипломатски автомобили во бугарската амбасада во Скопјe. Ова не е обично кривично дело, туку неприфатлив напад врз дипломатска мисија, што ја доведува во прашање способноста на властите во Република С Македонија да ја гарантираат безбедноста на странските дипломатски мисии во согласност со нивните меѓународни обврски – се наведува во ставот на претседателката Јотова.

Според неа, загрижувачки е што овој инцидент се случува во заднина на континуирана антибугарска реторика и атмосфера на нетолеранција, која со години останува без потребниот институционален отпор.
– Ваквите дејства не се случуваат во вакуум – тие се директна последица на всадување омраза и неказнивост. Очекувам итна, транспарентна и ефикасна акција од страна на надлежните органи во Скопјe за идентификување и казнување на сторителите и нивните евентуални поттикнувачи. Брзината и решителноста на реакцијата ќе бидат јасен тест за посветеноста на Република С Македонија на принципите на владеење на правото, добрососедските односи и европските вредности. Европската интеграција не е само политичка цел туку и одговорност. Земја што претендира на членство во Европската Унија мора безусловно да ја гарантира безбедноста на дипломатските мисии, да се спротивстави на говорот на омраза и да демонстрира почит кон своите соседи не само со зборови туку и со дела – порача Јотова.

Најчевска: Ваков инцидент ѝ е од полза само на Бугарија

Она што е индикативно, тоа е тајмингот кога се случува овој инцидент, а изненадува и брзината со која оваа вест првично беше пренесена од бугарските медиуми, оставајќи впечаток на однапред подготвено сценарио.

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска на социјалните мрежи се огласи по инцидентот со опожарените возила во близината на бугарската амбасада во Скопје, изнесувајќи личен став дека единствената страна што би можела да има корист од ваков инцидент е самата Бугарија.
– Единствен на кој вакво нешто би му било од корист е самата Бугарија, така што лично јас таму би го барала виновникот – наведе Најчевска.

Во разговор со поранешни дипломати и луѓе од безбедносниот сектор ни беше посочено дека не може да се исклучи факторот на подметнување, односно намерно креирање инцидент што потоа ќе се користи за сопствени цели.
– Во една зовриена атмосфера на комплексни односи меѓу земјите на Балканот, многу лесно е да се иницираат некакви субверзивни дејства, инспирирани и поттикнати од одредени центри на моќ што имаат директен интерес од трајно статус кво во овој дел на Европа. Нема никаква дилема дека намерно координираните инциденти, како што се нападите врз дипломатски претставништва, имаат цел не само да ја саботираат македонската меѓународна позиција туку и перфидно да ѝ нанесат штета на угледот на државата, претставувајќи ја пред Брисел како небезбедна, нетолерантна и незрела за европското семејство – велат соговорниците.

Одмазда за офанзивниот настап на македонската дипломатија

Според нив, намерата е да се удри во најчувствителната точка на македонската дипломатија, кредибилитетот и способноста на државата да ги гарантира меѓународните обврски (Виенската конвенција за дипломатски односи).
– Кога ваков инцидент се случува во исклучително ранлив и важен дипломатски момент за Македонија, првото прашање што секој од нас си го поставува е кому му користи? На Македонија, како држава што се бори да докаже дека е зрела, стабилна и подготвена за ЕУ, ваков инцидент апсолутно не ѝ одговара. Имено, инцидентот не се случува во вакуум, туку во прецизно избран момент за да ѝ се нанесе максимална штета на македонската позиција во меѓународни рамки. Во моменти кога Европскиот парламент треба да го гласа Извештајот за напредокот, каде што Македонија се обидува да обезбеди што попозитивна реторика и да ги неутрализира бугарските амандмани, ваквиот инцидент им дава „оружје“ во рацете на бугарските европратеници. Тие сега ќе излегуваат на говорницата и ќе тврдат дека не можат да гласаат за напредок на земја каде што не се безбедни ниту дипломатите. Кога европратеници како Томас Вајц или други меѓународни претставници се обидуваат да лобираат за Македонија, да ги оспорат ригорозните протоколи или да покажат разбирање за македонските фрустрации, ваквиот радикален чин на терен комплетно го минира нивниот труд. Тоа ги става македонските пријатели во Брисел во дефанзива – сметаат соговорниците.

Тие уште додаваат дека немаат никаква дилема оти сето ова е со намера да ѝ се направи штета на државата.
– Бидејќи на нашата држава ваков скандал ѝ прави огромна штета, логично е дека зад инцидентот стојат структури (домашни или надворешни) што сакаат трајно замрзнување на македонските евроинтеграции. Сега дека некој ќе се дрзне да оди да пали возила баш пред бугарска амбасада оти биле непрописно паркирани, тоа не е баш за верување. Останува да виси во воздух дилемата дали не се работи за намерна провокација и саботажа, чија цел е да ја прикаже државата како незрела, да ги оправда бугарските блокади и да ги замолчи европските гласови што во моментот се обидуваат да ѝ помогнат на македонската позиција во Брисел – констатираат нашите соговорници.