РАКОМЕТ
Машката младинска репрезентација на Македонија за ракометари до 20 години ги почна подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП). Во рамките на подготвителниот период репрезентацијата, предводена од селекторот Игор Илиевски, ќе тренира во спортскиот центар „Јане Сандански“, а пред настапот на ЕП 2026 ќе одигра и три контролни натпревари, на 26 јуни со Саудиска Арабија, на 2 јули со Грција и на 5 јули со Италија.
ЕП 2026, 15-то по ред, третпат ќе се одржи во Романија (од 8 до 19 јули), а ќе настапат 24 држави. Македонија е во групата Д, заедно со Данска, Норвешка и со Хрватска. Црвено-жолтите шести пат се учесници на ЕП, најдобриот пласман го остварија во 2002 година, кога беа четврти, а на претходното ЕП беа деветтопласирани. Титулата од ЕП 2024 ќе ја брани Шпанија, која заедно со Данска по четири пати го освојувала златото. Г.И.


































