ОДБОЈКА – ПО ДВА ТУРНИРА ВО ЕВРОПСКАТА ЛИГА ЗА 2026 ГОДИНА
- Кај одбојкарите лидери се Холандија, Естонија и Финска со по 12 бода (Холандија е без загубен сет), а кај одбојкарките Шведска, Словенија, Словачка, Унгарија и Шпанија освоија по максимален број бодови (првите две се и без загубен сет). Викендов следува уште еден турнир. Европската лига од годинава е и квалификациска, па најдобрите четири селекции сезонава ќе играат на ЕП 2028
Машката одбојкарска репрезентација ги забележа втората победа и вториот пораз во Европската лига за годинава, во која играат 27 селекции во трка по пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година. На вториот турнир одржан во Грција, црвено-жолтите го совладаа Исланд со 3-0 во сетови (25-21, 25-23, 25-19), во меч во кој капитенот Никола Ѓоргиев беше најефикасен со 24 поени. Во четвртиот дуел Македонија загуби од домаќинот Грција со 0-3 во сетови (19-25, 20-25, 23-25), а Ѓоргиев со 11 и Филип Савовски со 10 поени беа најефикасни во македонската селекција, која се враќа во базата во Скопје, каде што ќе ги продолжи подготовките за последниот турнир, викендов во Косово.
Македонија по четири средби има шест бода (6-7 во сетови) и е на 18. место со шест бода. На табелата водат Холандија, Естонија и Финска со по максимални 12 бода, а Холандија е и без загубен сет. Потоа со по 11 бода се Данска и Израел, по 10 бода освоија Грција, Чешка и Шпанија…
Македонската женска репрезентација на вториот турнир, во шпанскиот град Аликанте, загуби од Шпанија со 0-3 (11-25, 6-25, 15-25, најефикасни кај Македонките беа Андротеа Милевска и Теа Терзиевска со по четири поени) и од Азербејџан со 0-3 (13-25, 15-25, 18-25, Ива Стојковска и Милевска имаа по седум поени). Шпанија го победи Азербејџан со 3-1 (25-19, 22-25, 25-19, 25-23). Македонија викендов во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе биде домаќин на третиот и последен турнир во годинашното издание на Европската лига, а ќе игра со Словенија и со Хрватска. По два турнира, Македонија нема освоен бод и со сет-разлика 0-12 е на дното на табелата меѓу 24 селекции. Водат Шведска, Словенија, Словачка, Унгарија и Шпанија со по максимални 12 бода, а првите две се и без загубен сет.
На ЕП 2028 директен пласман ќе имаат четирите домаќини на шампионатот, потоа по четири најдобри репрезентации од Европската лига за 2026 и за 2027 година и европскиот првак од ЕП 2026, а преостанатите места ќе бидат пополнети од европската ранг-листа, според податоците на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Г.И.


































